Граѓанската иницијатива „450 породилно“ (пеленска револуција) добила известување од собраниските служби дека треба да го повлече од собранието доставениот предлог за законски измени, за продолжување на породилното отсуство поради распишаните избори. Како што се наведува во известувањето потпишано од претседателот на собранието Талат Џафери, кое групата го објави на Фејсбук, иницијативата со собраните потписи треба да биде повлечена и повторно да се достави по завршувањето на локалните избори.
„Ве известувам дека Собранието на РМ и работните тела во текот на изборната кампања не одржуваат седници поради што не можат да одлучуваат по Граѓанската иницијатива за Предлог закон за измени на Законот за работни односи, поднесен до Собранието на РМ на 9 октомври 2017 од 11 868 избирачи. Имено, во текот на изборната кампања Собранието не може да постапува согласно одредбите од Деловникот на собранието кои се однесуваат на постапката за донесување на закон односно на роковите за разгледување на предлогот на законот , како и во рокот утврден во членот 73 став 2 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните“, се наведува во известувањето.
Иницијаторите стравуваат дека ова е уште една пречка за нивниот предлог да не по мине. Тие бараат измени на законот за работни односи , со кои ќе се овозможи продолжување на породилното отсуство од девет на осумнаесет месеци.
За иницијативата се потпишаа повеќе од 10 илјади граѓани, во законски определниот рок од 20 септември до 7 октомври. Предлогот за измени на законот до собранието е поднесен од 11 868 избирачи.
Извор: Макфакс