На престојните локални избори 2017 година кои ќе бидат спроведени на територија на Република Македонија, право на глас имаат 1.814.644 гласачи.
Во изводите од избирачкиот список запишани се 1.735.682 гласачи, 77.071 избирачи се на привремена работа или престој во странство, 1.882 за време на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор, а девет гласачи се запишани како внатрешно раселени лица.
На престојните локални избори учествуваат кандидати за градоначалници и за советници од 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи. Вториот круг на локалните избори е закажан две недели подоцна, на 29 –ти октомври.
Во Државната изборна комисија пак за изборите досега се акредитирани 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи. 2.843 најголем број од набљудувачите има од невладината организација МОСТ. Од странските, најголем број набљудувачи има мисијата на ОБСЕ/ОДИХР 198. Набљудувачи има акредитирано и канцеларијата на НАТО во Скопје и амбасадите на Руската Федерација, Албанија, Австрија, Франција, Велика Британија, Шведска, Унгарија, Кралството Холандија, Италија и Словачка во Македонија. Исто така во Државната изборна комисија акредитирани се и 294 преведувачи.
ДИК го објави и упатството за гласање на локалните избори со цел граѓаните подобро да се едуцираат како можат да го искористат своето право на глас.
Утре на денот на одржувањето на првиот круг од одржувањето на локалните избори, 15 –ти октомври канцелариите на народниот правобранител ќе бидат отворени од 7’00 до 19’00 часот за сите граѓани, се со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните права. Изборните нерегуларности, освен лично во канцелариите, граѓаните може да ги пријават и телефонски. Во соопштението испратено до медиумите од народниот правобранител Иџет Мемети, тој ја истакнува важноста на почитувањето на правото на слободно изразување на волјата на граѓаните, како едно од фундаменталните човекови права, што придонесува за создавање демократски и функционални институции за здраво демократско општество. Во таа насока, Мемети апелира до сите, а посебно до надлежните органи, да придонесат за спроведување избори во кои гласањето ќе се одвива слободно и непречено.
Утре во Република Македонија во првиот круг од локалните избори правото на глас имаат 1.814.644 гласачи.
Извор: ТВ Нова