Ако каталонските власти прогласат независност од Шпанија, никој во Европската унија нема да ги поддржи, предупреди денеска претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, цитиран од светските медиуми.
“Ние го поддржуваме дијалогот за решавање на проблемот, но никој во Европа нема да ја прифати независноста на Каталонија”, рече тој во интервју за шпанското конзервативно радио Копе.
Ако сепак каталонските лидери ја исполнат својата закана, „тие ќе бидат изолирани, никој нема да им помогне“, предупреди Тајани.
Претседателот на шпанската влада Маријано Рахој ќе разговара вечерва за ова прашање со францускиот претседател Емануел Макрон, соопшти шпанската агенција Еуропа прес.
Двајцата лидери ќе се состанат во Брисел, каде што денеска почнува дводневниот состанок на Европскиот совет.
Припадници на цивилната гарда на Шпанија влегоа утрово во делот контролиран од каталонската полиција Мосос д’Ескуадра за да побараат информации поврзани со референдумот за независност на 1 октомври, објавија локалните медиуми.
Претставниците на органите на прогонот на кралството дејствуваат по судска наредба, ги истражуваат активностите на каталонската полиција во денот на анкетата. Тогаш на полицијата и беше наредено да ги затвори сите избирачки места, но полициските сили не ја извршија оваа задача и на некои избирачки места се гласаше.