Генералната секретарка на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Цветанка Иванова, во рамките на студиската посета на германскиот Бундестаг со група високи службеници од службата на Собранието на Република Македонија, оствари средба со нејзиниот колега, генералниот секретар на германскиот Бундестаг, проф. д-р Хорст Ризе.
Иванова изрази голема благодарност за одржувањето на средбата и покрај интензивниот период на подготовка на конститутивната седница на новиот состав на Бундестагот, оценувајќи го како позитивен сигнал и силна поддршка за Република Македонија и напорите кои ги прави во процесот на нејзина евроатлантска интеграција. Воедно, ја искажа посветеноста на Собранието во спроведувањето на неопходните реформи согласно Планот 3-6-9 и Препораките на групата високи експерти на Европската комисија предводени од Рајнхард Прибе, вклучително и реформите за службата на Собранието на Република Македонија.
Проф. д-р Ризе ја истакна подготвеноста на германскиот Бундестаг и неговите лични заложби за обезбедување искуства и експертиза кои ќе ги побара Собранието на Република Македонија за спроведување на овие реформи, имајќи го предвид фактот дека стабилноста на Република Македонија е од примарна важност за Сојузна Република Германија и во таа насока, германскиот Бундестаг останува отворен поддржувач на сите реформски процеси на патот кон нејзина целосна европска интеграција.
Генералната секретарка Иванова побара поддршка околу зајакнување на уставната позиција на Собранието како законодавен дом, враќање на контролната функција над извршната власт, унапредување на транспарентноста кон јавноста и поголема вклученост на цивилното општество во разгледувањето на законодавството пред негово усвојување.
На крајот, г-ѓа Иванова се заблагодари за ИПС програмата за стажирање на млади кадри од Република Македонија кај германски пратеник и нивното запознавање одблизу со парламентарниот живот во Германија.