И така… Убав ден, сончев, есенски. Ист како и многу други, а сепак поинаков. Честитки за успехот. Тапкање по рамо. Најсилно од оние кои до вчера се потсмеваа со мојата решителност да застанам на чело на независна граѓанска листа, кои се кладеа во мојот и во неуспехот на ПОИНАКУ.
Кога пред извесно време пишував за ризикот да се дејствува надвор од чопорот но и за комодитетот да се остани во него, мислев токму на она што се случуваше во предизборието. Ама не само за време на официјалната изборна кампања, туку и на сѐ што нејзе ѝ претходеше. Сите оние кои во тој период застанаа до мене знаат на што мислам. Знаат колку беше тешко да се биди надвор од чопорот, да се “преживеат“ сите подметнувања, сопки и девалвирања на лична основа, кои имаа за цел да нѐ демотивираат и деморализираат во остварувањето на нашата зацртана цел.
А сето тоа доаѓаше од зихерашите, оние кои секогаш играле на сигурно и кои немајќи храброст и самодоверба, решиле да останат затскриени зад лидерите. Да останат на сигурно, на безбедно, таму каде што за неуспехот не постои индивидуална, ами колективна одговорност. Да останат во чопорот надевајќи се дека некој друг, во нивно име, ќе ја истрча нивната трка.
И затоа и како граѓанска листа за советници, и како поединци, секој од оние 31 кандидати независно од нивниот реден број на листата, најмалку што заслужуваат е признание за храброста и одважноста. Се покажа дека 3.000 граѓани на Општина Битола го препознале и го вреднувале тоа. Битолчани не мора да ја знаат тежината на патот кој го изодивме, ама затоа треба да знаат оти сета потрошена енергија, сиот вложен труд, беа вредни за постигнатата цел.
Ама како што рекле, секој со пишаното… Има многу вистина во кажаното. Исто како и во тоа дека некому со раѓањето му е предодредено до целта да иди по потешкиот пат. Сепак, колку и да е сето тоа тешко, чувството на гордост од постигнатото е вредно за сето трње кое се газело. Лузните од ударите кои иделе од страна и од блиску ќе заздрават, но во исто време ќе бидат и потсетник колку човек можи да биди силен и јак.
Времето и искуството нѐ научија оти не било баш така како што порано ни изгледало, дека секој човек се бори за идеали. Истрајно и бескомпромисно, по цена на сопствено жртвување. Се покажа оти за многумина идеалите биле преголем залак, оти не секој можи да остани имун на притисоците и предизвиците кои идат било како внатрешен порив, било од некој надворешен фактор. Со тек на време сфатив дека за да бидиш поинаков, треба да имаш внатрешна сила која ќе те брани од сѐ она што се нарекува карма. Сакам да верувам дека луѓето слични на мене не се “чудни“ затоа што се поинакви, туку само сакаат да покажат дека постојат работи кои и денес, исто како и секогаш, ќе бидат вредни за борба.
А Битола, во секој случај, е вредна за тоа!
Пишува: Габриела Илиевска
Преземено од Публикум