Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе обелодени доверливи документи за убиството на поранешниот шеф на државата Џон Кенеди на 22 ноември 1963 година.
Конгресот на САД ја задолжи администрацијата да објавува уште засекретените досиеја, вклучувајќи ги и оние на ФБИ и ЦИА, до 26 октомври според усвоен пред 25 години закон за собирањето на архива за убиството на Џон Кенеди. Претседателот сепак има право да го блокира некои од документите, ако ги смета за опасни за националната безбедност.
Историчарите кои ги истражуват архивите на убиството на Кенеди не очекуваат досиејата да покажат сензационални нови откритија. Се претпоставува дека тие сепак ќе фрлат повеќе светлина врз деталите од истрагата, како и врз тајното патување на атентаторот Ли Харви Освалд до Мексико непосредно пред атентатот врз Кенеди, соопштува CNN.
Од Белата куќа соопштија дека откривањето на документите ќе се случи во интерес на целосната транспарентност, освен ако службите не обезбедат убедлива и јасна причина поврзана со националната безбедност.
Околу 90 проценти од расположливите архиви поврзани со атентатот на претседателот во 1963 година сега се јавни. Класифицирани остануваат околу 30-40 илјади страници, од кои повеќето сега ќе бидат декласифицирани.
Голем дел од досиејата беа разгледани од т.н. ARRB – Борд за преглед на архивите за убиството на Кенеди, создаден во 1992 година Повод за преиспитување на истрагата всушност е филмот на Оливер Стоун “JFK”, кој ја прикажа верзијата за интервенција на агенти од ФБИ и ЦИА во заговорот за ликвидација на претседателот на САД во 60-тите години.
Членовите на ARRB 2 години ги прегледаа сите достапни документи поврзани со убиството. Околу 5 милиони страници од овие архиви се декласифицирани, со исклучок на околу 40 000. Речиси сите документи од архивата, кои не се прикажани пред јавноста во 90-тите години, се означени со печат “Не се сметаат за релевантни”.
Зошто Ли Харви Освалд бил во Мексико пред убиството?
Шестдневната посета на поранешниот маринец во Мексико Сити веќе долго време е придружена со мистерии и претпоставки. Многу од документите поврзани со ова патување се очекува да излезат во јавност.
Причината за чување во тајност се објаснува со политички мотиви, а не со заговори и тајни.
Претседателот на ARRB Џон Танхајм коментира дека главните причини против декласифицирањето им во 90-тите дошле од Стејт департментот и ЦИА, бидејќи се сметало дека овие документи можат да ги нарушат односите со владата на Мексико во соодветниот период.
Меѓутоа, политичката ситуација сега значително се разликува од ситуацијата пред 25 години, па затоа речиси и да нема причина зошто овие архиви се уште да се чуваат во тајност.
Дали има интервенција на ЦИА и ФБИ во убиството?
Речиси сите официјални истраги ја поддржуваат верзијата дека стрелецот Ли Харви Освалд дејствувал сам. Тоа го потврдува проверката на Комисијата “Ворен” под раководство на високиот судија Ерл Ворен од 1964 година, како и уште една истрага на случајот од страна на Министерството за правда во 1987 година
Има еден извештај од 1979 година на специјалната анкетна комисија на Конгресот на САД, кој доаѓа до заклучок дека “претседателот Џон Ф. Кенеди веројатно е убиен во резултат на заговор”, во кој интервенирал и втор стрелец.
Дури овој извештај сепак ги исклучува од кругот на осомничените ЦИА, ФБИ, тајна служба, италијанската мафија во САД, како и службите за безбедност на Куба и СССР.
Џон Танхајм не ја исклучува можноста дека некои од оригиналните архиви се уништени.
Какво е мислењето на семејството Кенеди?
Конгресменот Џо Кенеди III (внук на братот на Џон Кенеди – Роберт) вели дека ја разбира историската вредност на овие архиви. Меѓутоа, многу од нив, исто така, содржат лични податоци за семејството на поранешниот претседател.
“Очигледно, овие документи беа чувани во тајност ужасно долго време и апсолутно го поддржувам барањето за нивно обелоденување. Но надвор од тоа – би било подобро ако можеше да има некаква дебата на темата меѓу администрацијата на Белата куќа и членовите на нашето семејство”, изјавил Кенеди пред неколку дена.