Црногорскиот интернационалец Радосав Спасојевиќ (25 год. 204 см.) е нов кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска потпиша договор со шесткратниот македонски шампион со важност до крајот на сезоната.
Спасојевиќ игра на позицијата силно крило, каде што ќе им биде од голема помош на Бојан Трајковски и Јуре Лалиќ во битката под кошевите. Минатата сезона настапуваше за Мега Бемакс за која одигра 19 натпревари во АБА-лигата со просек од 9,9 поени и 3,5 скока. Еден од подобрите натпревар за тимот од Сремска Митровица му беше токму против нашиот клуб, кога ни постигна 14 поени во мечот одигран во Скопје (75-74) со три постигнати тројки. Претходно, две сезони настапувал за Сутјеска, а има играно уште и за австриска Аркадиа и шпански Овиедо.
Црногорецот доаѓа на местото на Американецот Даниел Џенсен, кој не ги оправда очекувањата на стручниот штаб, поради што со взаемна согласност беше раскинат договорот со него.