Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски рече дека во текот на денешниот ден на гласање беа забележани поткуп на гласачи, партиско агитирање, притисоци и закани од униформирани личности, спроведување бугарски воз, уцени врз земјоделци и вработени во државната администрацијата и за сето ова молк од полицијата.
„Денот започна со илјадници флаери, расфрлани по домовите во Кисела Вода, Бутел, Гази Баба. Полицијата е најверниот чувар на оние кои ги расфрлале флаерите“, рече Груевски.
Тој се пожали дека речиси во сите општини каде што има втор круг а каде учевствува и неговата партија, имало притисоци, закани, уцени и поткуп на гласачи од страна на владејачката партија СДСМ. Ако на сето ова се додадат кривичните пријави против нашите кандидати јасно е дека имаме целосно заробена држава. Кривичните пријави во текот на изборната камапања без никаков сериозен обид беше порака дека тие треба да бидат пасивни. Тоа беше валкана психолошка борба за внесување на страв, рече Груевски.
Важно беше да се пушти кривична, ем тие да се оцрнат, ем да се внесува страв кај нашите активисти, дека ова е време во кое може секој да ја снајде истата судбина ако и се спротистави на власта, додаде тој.
Тој обвини дека и медиумите не информирале за сите активности на терен. Ова е заробена држава. Тие кои бараа повеќе демократија, покажаа дека се најголемите душмани на слободата и демократијата. Македонската полиција за жал падна на испитот. Еден дел од полицајците одработија партиски, падна испитот на целата полиција. Груевски се закани дека кога ќе се врати ВМРО на власт, тие ќе одговараат. Во Македонија се случија мафијашки избори во спрега со државниот апарат. Кој и да го нападне мојот говор, за што сум свесен дека ќе се случи, што и да прават, колку и да добиваат пофалби од меѓународната заедница, на секој еден граѓанин му е совршено јасно дека немаше фер избори, туку терор врз граѓаните за нечесно добивање на изборите. Ние сме жртви на едно насилие.
Инсталираните марионети на нивната врхушка кои се организатори на ова насилство, ќе одговараат. Ова беше брутално силување на државата Македонија. Правдата ќе дојде и таа ќе биде задоволена. Немате сила да не уништите сите. Заев и СДС сакаат да лапнат преголем залак, но ќе си ги скршат забите. Во ситуација кога се силува демократијата, во отсуство на било каква реакција на органите, ние сме принудени да се самоорганизираме. Ние се бориме за правда, за Македонија. Ние разбираме дека историјата има циклуси и се повторува. Дел од нашата епопеја подразбира и да бидеме оцрнети, клеветени, бркани од работа, притворани, затворани, убивани и ние смело влегуваме во оваа мисија. Ние сме навлечени на Македонија. Таа љубов вреди. Вреди и жртва и саможртва. Ако ние не се бориме денеска, утре Вие почитувани граѓани ќе бидете жртва на теророт на хунтата на Заев. Заради изборно насилство и силување на демократијата, заради констатирани и евидентирани изборни нерегуларности, заради бруталниот терор и притисоци и поткуп, заради кривичните дела како и согласно одлуката на ИК ВМРО ДПМНЕ не ги признава овие избори. И нема никогаш да ги смета за фер и демократски избори. Покрај тоа што не ги признаваме за фер и демократски, ние бараме итно враќање на демократијата и достоинството на земјата. Бараме организирање на предвремени парламентарни избори согласно пржинскиот модел кој ќе бидат спроведени од техничка влада. Ајде Заев ако си толку силен и јак, да одиме на избори. Ајде да одиме на избори по ист модел. Иста смена на директорот на аудио и визуелни услуги, оставка на претседателот на ДИК, итна истрага и вештачење на уредите на УБК за прислушување, заради сомневање дека се прислушувани најмалку 100 лица од ВМРО ДПМНЕ. Основање на Специјално Јавно Обвинителство кое ќе има за цел да го расчисти недемократското организирање на избори, рече Никола Груевски.