Неправдите кон новинари скапо ги чини сите општества. Деведесет проценти од случаите на убиства на новинари остануваат сеуште неказнети според информациите обезбедени од земјите членки на организацијата во 2017 година, изјави генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова во врска со приближувањето на Меѓународниот ден за престанокот на неказнивоста на злосторствата против новинарите – 2 ноември . Помеѓу 2006 и 2016 година, УНЕСКО ги осуди убиствата на 930 новинари, од кои само во 2016 година се убиени 102 новинари, според последните податоци на УНЕСКО од Извештајот од 2017/2018 за светските трендови во областа на слободата на изразување и развојот на медиумите, кој треба да биде објавен. По повод 2-ри ноември УНЕСКО заедно со своите партнери започна глобална кампања во соработка со медиуми од целиот свет, како и кампања на социјалните мрежи #MyFightAgainstImpunity. Во 2013 година Генералното собрание на ОН со резолуција го одреди 2 ноември за Меѓународен ден за престанок неказнивоста на злосторствата против новинарите. Резолуцијата ги повикува земјите членки да преземат решителни мерки за борба против неказнивоста на овој вид кривични дела.