Од децении Финска успева да ги задржи деликатните односи со Русија, преку избегнување на потези што би ја испровоцирале “заспаната мечка” на нејзината источна граница.
Сега, сепак, со ризик да го предизвика гневот на заспаното чудовиште, еден пензиониран висок дипломат ја убедува земјата да се приклучи кон воениот сојуз НАТО.
Нашата земја заслужува отворена дебата, кога станува збор за нејзината надворешна политика и безбедност, вели Хану Химанен, амбасадорот на Финска во Русија до 2016 година
По четири години во Москва Химанен е убеден дека неговата земја треба да престане да се плаши од тоа дали ќе ја налути Русија, и да почне да мисли за гарантирање на својата безбедност, приклучувајќи се во НАТО.
Во својата книга, насловена “Запад или Исток: Финска и враќањето на геополитиката”, тој зборува критички за финските лидери, кои според него долго време одбегнуваат јавна дебата по прашањата на надворешната политика, а неговите аргументи провоцираат полемики само неколку месеци пред претседателските избори во јануари .
Во меѓувреме се зголемуваат сигналите дека Финска може и да има подготвеност за оваа дебата – не на последно место и поради фактот дека меѓу кандидатите за претседателската функција има и еден изјавен про-НАТО кандидат.
Нилс Торвалдс од Шведската народна партија е голем поддржувач на идејата за членство во Алијансата. Поранешниот новинар и европратеник е решен да ги натера Финците да го чујат неговиот глас, промовирајќи го контроверзниот предлог земјата да се откаже од неутралната позиција и недвосмислено да стане член на западниот воен сојуз.
“Какви и дебати да се водат во Финска за нашата надворешна политика тие треба да бидат поврзани со прашањето за НАТО. Ако не дискутираме за ова прашање сега, нема како да бидеме подготвени за иднината”, вели Торвалдс.
Изборите за претседател следната година ќе се првите по анексијата на Крим од Москва во 2014 година и избувнувањето на војната во Украина. Од тогаш тензиите меѓу силите на НАТО и Русија во Балтичкото Море се осетливи.
Соседите на Финска веќе сигнализираат дека нивниот регион може да биде следната “жешка точка” на конфликт со Русија. Редовните прелетувања на руски борбени авиони во балтичкиот и нордискиот воздушен простор само ја зголемуваат загриженоста на земјите во регионот.
Во одговор на провокациите на Русија, Шведска – најблискиот воен сојузник на Финска, за првпат по крајот на Студената војна ремилитаризира оддалечениот остров Готланд во Балтичкото Море и во септември пддржа големи воени вежби со земјите од Алијансата.
Во меѓувреме НАТО распореди во Полска, Естонија, Латвија и Литванија еквивалент на четири баталјони кои да дејствуваат како преграда за руската армија.
Според финскиот државен систем, претседателот е задолжен за надворешната и одбранбената политика, заедно со парламентот. И покрај напнатата и несигурна средина, меѓу претседателските кандидати речиси целосно недостасува јавна дебата за членството во НАТО.
По два крвави конфликтот со Москва, властите во Хелсинки во Студената војна се стремат да одржуваат деликатна рамнотежа меѓу Истокот и Западот преку политиката на неутралност, која им дозволила да ја балансираат интеграцијата со Европа со добрите односи со Москва.
Ова често вклучуваше супресија на внатрешната финска политичка дебата, директно според желбите на поголемиот сосед на исток.
По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, Финска категорично се ориентира кон Западот, стана дел од Европската унија и го усвои еврото.
Алпо Руси, советник на поранешниот фински претседател Марти Ахтисари, во периодот 1994-1999 година, вели дека во тоа време се дискутирало за евентуално членство во НАТО.
И сепак огромното мнозинство од кандидатите на претстојните избори се придржуваат кон вообичаените позиции на традиционалниот спектар на финската надворешна политика.
Пека Хаависто, кандидат на Зелената лига, кој на последните претседателски избори во 2012 година беше на вториот круг со актуелниот претседател Саул Нинисто не поддржува евентуално пристапување кон НАТО. Но сепак, како знак за отвореност кон оваа идеја, тој вели дека Финска би требало да се стреми кон членство, ако и соседна Шведска одлучи да се приклучи.
Лаура Хухтасаари, кандидат на десничарската “Партија на Финците”, стои зад тезата дека Финска треба да остане самостојна за прашањата на одбраната и во моментната надворешнополитичка ситуација, земјата не треба да влегува во НАТО.
Актуелниот претседател Нинисто кој во пресрет на изборите ја има импресивната поддршка на 76% од Финците, се обидува да ја задржи отворена перспективата за идно членство во Алијансата, додека преферира само “соработка” со Унијата. Тој, сепак, вели дека членството треба да биде поддржано од мнозинството од Финците, што ја пак од своја страна ја отвора вратата за евентуален референдум за темата.
Торвалдс е против референдум за членството во Унијата.
“Политичари не смејат да се кријат зад референдумот. Тоа за нив е начин да не изјавуваат позиција. Тоа е кукавичка политика”, коментира тој.