13.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Еве зошто изгубивте г – не Ѓорчев

 

Новата ера заврши уште пред дa започне. Кампањата на ВМРО-ДПМНЕ се темелеше на “старо – нови“ ветувања за автопатишта/патишта, 150. 000 нови работни места, посветена работа за што повеќе зеленило во општините, проекти за младите итн итн… а, и да, она најважното –  ќе завршеше помрачувањето донесено од новата власт, доколку граѓаните се одлучеа да го дадат својот глас за градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ!

Крајниот резултат според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и неговите најблиски е дека граѓаните на Република Македонија биле под притисок, уцени и закани, поткупени, а следствено на тоа приморани да гласаат за да продолжи “помрачувањето“ кое СДСМ го донесе со самото доаѓање на власт. До сега од властодржците на ВМРО-ДПМНЕ не слушнавме самокритика дека е потребна промена во самиот врв на партијата, освен она дека пораката е примана и дека партијата ќе се вратела многу посилна. Со самото тоа, врвот на ВМРО-ДПМНЕ ја потценува интелегенцијата на граѓаните кои се одлучиле да не гласаат за нив, алудирајќи на тоа дека тие се уценети, уплашени и поткупени. Се прашувам, како толку многу мудар народ кој 10 години ја поддржуваше ВМРО-ДПМНЕ и нејзините политики, сега наеднаш (кога и е најтешко на Македонија, кога имаме такво помрачување во државата) се решил да гласа спротивно на политиките на ВМРО-ДПМНЕ.

Еден од поискусните политичари во ВМРО-ДПМНЕ, кој долги години е на политичката сцена во Република Македонија, Влатко Ѓорчев, во Топ Тема на телевизијата Телма вели дека покрај нефер и нерегуларните одржани локални избори, повеќе од јасно било дека е направена грешка кај одредени кандидати за градоначалници кои граѓаните очигледно не ги прифатиле односно не поминале. Според логиката на Ѓорчев, покрај уцените и притисокот како и евентуалниот поткуп на граѓаните од страна на СДСМ, виновник за ваквиот пораз се и самите кандидати на неговата партија. Кое политичко безобразие, страв за да се соочиш со вистината и потценување е ова кон самите кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ од страна на членот на ИК. Точно е дека не сите кандидати на политичките партии можеме да ги квалификуваме како квалитетни кадри кои би можеле да бидат “татко“ на градот, но не е точно дека граѓаните гласаа против кандидататурите на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што ете не биле обожавани или не поминале кај граѓаните. Оттука, да бев кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ јавно ќе барав извинување од Ѓорчев поради тоа што индиректно ме посочил мене и моите колеги (кандидати) за виновници за поразот на партијата.

За разлика од тезата на Ѓорчев, јас тврдам и сум убеден дека за овој изборен пораз на ВМРО-ДПМНЕ најмалку виновни се самите кандидати на партијата. Овој пат, виновници за катастрофалниот пораз се оние кои заборавија на верниот исток, на заборавените гратчиња како Паланка, Делчево, Берово, Виница, Пехчево, оние кои ветуваа индустриски зони во овие градови, инвестиции и отварање на фабрики, оние градови во кои младите масовно се иселуваат. Никогаш порано немало толку порадикално иселување на младите од Источна Македонија. Виновниците за овој пораз лежат во тоа што многу градови останаа празни, во многу градови светлото од куќите не е уклучено само поради тоа што сопствениците заминале негде далеку за да ја бараат среќата за себе и своите најблиски. Ете тука лежи причината за ваквиот пораз г. Ѓорчев.

Реалната слика за поразот на партијата е нешто друго, а тоа е лошата економска политика, катастрофалните здравствени услови во македонското здравство. Македонија стана рекордер на починати новороденчиња и родилки, но и рекордер за високата казнена политика за се и сешто, нешто со кое што се контролираа бизнисмените, земјоделците, административците, медиумите.

Затоа, јас го разбирам господинот од ВМРО-ДПМНЕ кој не сака да прифати дека никој не е вечен, па ни неговиот лидер, но и го повикувам (бидејќи верувам во неговата искрена намера дека му мисли добро на ВМРО)  добро да размисли како треба да постапува во иднина за конечно ВМРО да биде обединето, сплотено, силно, но и ВМРОВИЗИРАНО. ВМРО-ДПМНЕ како најголема партија која треба да биде водилка на десничарската идеја во Македонија мора да расчисти некои работи прво во своите редови. Нека се сети г. Ѓорчев како во минатото на митинзи наместо цитирајќи го Тито, неговите сопартијци и коалициони партнери пееле македонски песни, оделе на партиски собири и средби со жар и емоција, а не со уцени и закани. Нека се запраша г – нот Ѓорчев дали партијата која беше синоним за независна и самостојна Република Македонија и против Југославија, денес е нормално да биде прибежиште за најголемите југоносталгичари, кои се дрзнаа на митинг на партијата да го цитираат ниту помалку ниту повеќе туку Јосип Броз Тито (Угриновски од Титови Леви Сили). Ете тука лежат грешките на ДПМНЕ со кои раководството не сака да се соочи.

Затоа, ВМРО-ДПМНЕ мора прво да се демократизира, не само за победа на следните избори, туку и за враќање на вмровската идеологија во самата партија, нешто кое беше изгубено во последните неколку години. ВМРО-ДПМНЕ мора да побара оставка од актуелниот лидер на партијата, да овозможи демократски избори на нов лидер и ново раководство кое мора да ги поправи сите грешки направени кон основачите, ветераните и старите вмровци. ВМРО-ДПМНЕ мора да го врати евро-атланскиот курс на партијата и да се здружи со сите десничарски партии во Република Македонија, со цел идно окрупнување на десницата, со цел идно зајакнување и обединето и единствено ВМРО.

За постигање на оваа цел, партијата мора да се бори со сите легални средства против оние кои ја доведоа партијата во една ваква незавидна положба. Во рамките на новата стратегија, раководството ќе мора да пристапи кон преговори и со човекот кој им ги отвори портите на ВМРО, некогашниот лидер на ВМРО, основачот, идеологот и првиот претседател на партијата г. Љубчо Георгиевски. Вториот чекор е раскрстување со структурите кои раководат со ВМРО-ДПМНЕ, кои некогаш беа дел од Демократска Алтернатива, Социјалистичка партија и СДСМ. Само со едно такво политичко дејствување, со едни такви политички ставови може да се покаже што е ВМРО во Македонија, она од 90-тите години.

ФОТО

Доколку во ВМРО-ДПМНЕ не пројават желба за враќање на вмровската идеологија, за исправување на грешките направени кон своите браќа од другите помали десничарски партии и доколку партијата не успее да расчисти со ваквите ликови, тогаш поверојатно е да се случи распад на политичката партија, која за жал во моментов е окупирана за нечии лични интереси.

поврзани објави

Последни објави