fbpx
6.8 C
Skopje

Балтичката турнеја на Димитров успешно комплетирана со работна посета на Република Литванија

АКТУЕЛНО

Министерот за надворешни работи Димитров на крајот од регионалната балтичка турнеја оствари средби со министерот за надворeшни работи на Република Литванија Линас Линкевичиус, министерот за одбрана Раимундас Кароблис и членовите на Комисиите за надворешни работи и за европски прашања од Парламентот на Литванија.
На средбата со MНР Република Литванија, Линас Линкевичиус, МНР Димитров ја претстави цврстата решителност на Република Македонија да ги имплементира сите неопходни реформи за изградба на стабилни и праведни институции како еден од клучните чекори на нашиот пат кон ЕУ и НАТО.
„Kако млад Заменик министер за надворешни работи на Република Македонија пред 17 години во Вилнус ја потпишав Декларацијата од Вилнус. Скоро две децении потоа ние се’ уште сме во чекалната на ЕУ и НАТО. Сега имаме втора шанса да ја достигнеме нашата цел за Евроатланскa интеграција. На овој пат, високо ја цениме поддршката од Литванија, како во препознавање на нашата цврста определба и посветеност за исполнување на сите неопходни критериуми за членство во ЕУ и НАТО, така и за активното партнерство во реализирање на нашите стратешки цели. EУ поттикна просперитет и стабилност во Балтикот – уверени сме дека таква позитивна улога ќе има и на Балканот”. Препознавајќи ги конкретните реформски чекори преземени од Република Македонија, MНР на Литванија Линкевичиус изрази недвосмислена поддршка за евроатланската иднина на државата. Притоа изјави дека „Република Македонија заслужува пристап во ЕУ кој ќе биде заснован на критериуми, а не на расположение и календари.” Воедно, тој нагласи дека потребно е да се лоцираат сегменти во кои двете држави ќе соработуваат за заемен економски бенефит, особено нагласувајќи ја улогата на твининг проектите како значаен елемент во билатералните односи. На средбата со Министерот за Одбрана на Литванија, Раимундас Кароблис, Mинистерот Димитров потцрта дека „најдобар предуслов за безбедност e просперитетот и стабилност базиран на стабилни и фер институции, владеење на правото и јасна Евроатлантска перспектива”. Во рамките на посетата министерот Димитров оствари средби и со членовите на Комисиите за надворешни работи и за европски прашања и на Групата за интер-парламентарна соработка со земјите од Западен Балкан во Парламентот на Литванија. МНР Димитров потенцираше дека „исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ не ги гледаме само како предуслов, туку и како една од целите на интегративниот процес.” Со денешната посета на Литванија се заокружува балтичката турнеја во рамките на која МНР Димитров оствари средба со Министрите за надворешни работи на трите држави: Свен Миксер – МНР на Естонија, Едгарс Ринкевич – МНР на Латвија, Линас Линкевичиус – МНР на Литванија, Министрите за одбрана на Литванија и Латвија. Димитров оствари средби со парламентарни групи во сите три држави, имаше излагања во два реномирани институти: на „Естонскиот институт за надворешна политика” и на „Латвискиот институт за меѓународни работи.“ МНР Димитров исто така даде интервјуа за бројни медиуми.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -