3.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Георгиевски до Андов: На таквите како тебе, сакавме да им создадеме експлозија во главата дека имало идеја за независна Македонија (2)

Втор дел од колумната на претседателот на ВМРО Народна партија Љубчо Георгиевски за неделникот „Фокус“

НЕСПОМЕНАТИТЕ СВЕТЛИ И СВЕТИ ИМИЊА НА ВМРО – ОБЕДИНЕТА 

 

Повторно доаѓаме до фактот дека Андов, за жал, не се помрднал ни за милиметар во својот поглед на македонската историографија и на македонската историја. И повторно ги поткопува раните кои навидум мислевме дека се затворени. Па, кога сме кај ВМРО – Обединета, би сакал, дополнително да му го поставам прашањето на Андов и на сличните како него. Ако ВМРО – Обединета е светлата точка на македонската историја, како тоа во комунистичка Југославија, освен името на Димитар Влахов, не се спомнува ниту едно друго име од истата таа организација? Го повикувам господинот Андов да ги најде биографиите на десетте најактивни раководители на ВМРО – Обединета. А јас само ќе му кажам дека за осумдесет проценти од нив, односно за нивните имиња, воопшто немаме слушнато во Македонија

Меѓутоа, многу поинтересни се биографиите на неспоменатите, а прашањето е: како завршиле идеолошки и национално светлите имиња на Обединетите за Македонија? Уште еднаш сакам да го прашам Андов: како таа единствена светла точка на македонската историографија, во 1941 година, во името на македонската Комунистичка партија, неспоменуваните донесоа едногласна одлука македонската Комунистичка партија да се отцепи од Комунистичката партија на Југославија и да се припои кон Бугарската комунистичка партија? КАко тоа после промената на Методија Шаторов – Шарло и доаѓањето на Бане Андреев, шаторовизмот и понатау продолжува да биде политика и на второто раководство на македонската комунистичка партија? И конечно, кога Андов и левичарите од негов тип ќе престанат да се занимаваат со личностите и настаните поврзани со ВМРО, ами ќе се свртат кон бугарофилите од сопствената комунистичка партија?

Притоа, да не заборавиме дека ВМРО – Обединета е создадена со одлука на Бугарската комунистичка партија и е распуштена со одлука на Бугарската комунистичка партија. Кога наследниците на довчерашните комунисти, а денес знаменосци на демократизацијата на македонското општество ќе успеат да најдат сили да направат рехабилитација на своето раководство кое 1945 година беше ликвидирано, уништено и затворено во рамките на Југославија? И кога ќе престанат да мистифицираат дека тие се наследниците на Ченто, Шатев, Брашнаров.. ?

Сите тие прашања му ги поставувам на Андов. Зошто? Затоа што Андов е дел од наследниците кои ги затвораа и уништија, тие наши, македонски комунисти!

И, на крајот, во текстот на Андов има една банална работа. Тој две цели страници, скапоцен новински простор, троши за една информација: Богдановски не се согласил со името ВМРО и прави мистификација од тоа. Точно е дека јас и Змејковски му ја дадовме идејата на Богдановски да го стави името ВМРО, а дека тој нешто посебно се спротиставувал на тоа е шпекулација, отколку мотив за да се напише колумна, односно толку долг текст.
Андов посветува голем дел во својот текст на прашањето: зошто било потребно во 1990 година да се стави името ВМРО?

Господине Андов, еве ќе ви одговарам. Името ВМРО го ставивме поради таквите како тебе. Затоа што ти во таа 1991 година, партијата која ја водеше, ти се викаше Реформски сили на Југославија, затоа што беше еден од поголемите симболи на југословенството. И, треба да знаеш, секогаш кога зборувавме за Киро Глигоров како за голем Југословен и тебе те стававме во тој пакет, рамо до рамо со него. А такви како тебе имаше многу во тоа време и токму на таквите луѓе, сааквме да им создадеме една експлозија во главата за да сфатат дека имало идеја за самостојна и независна Македонија.

Нема никаква друга мотивација, ниту мистификација. Жал ми е што и после толку многу години не успеавте тоа да го разберете!

поврзани објави

Последни објави