На редовната годишна средба на претставниците на земјите – членки на Европската мрежа за литература и книги ТРАДУКИ, која се одржува деновиве во Базел, Швајцарија, Република Македонија е едногласно примена во оваа Мрежа. На настанот, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски ги потпиша формалните документи за членство, а нашата делегација веќе учествува полноправно во работните тела на ТРАДУКИ…
Со ова формално пристапување и членство, Македонија добива полноправен член во Управниот одбор на Мрежата, кој ќе може да учествува во донесувањето одлуки и да влијае на стратешките насоки за развој на Мрежата, како и да лобира за добивање на поддршка за конкретни добри проекти од Македонија. Македонија беше меѓу последните земји од регионот што не беше формална членка на оваа европска мрежа, иако веќе 10 години македонските издавачи добиваа поддршка од ТРАДУКИ за нивни изданија и преводи.
На настанот во Базел паралелно се потпиша договор со сите 19 претставници на телата на Мрежата, вклучувајќи ги договорите со претставниците на германското Федерално Министерство за култура, претставниците на министерствата на Австрија, Швајцарија, Лихтенштајн, како и на другите земји -членки на Мрежата.
„Претставник од Министерството за култура веќе се вклучи во работата на Управниот одбор на Мрежата ТРАДУКИ. Веќе договоривме во 2018 година Македонија да организира два проекти, надвор од предвидените апликации и буџети за преводи“, истакна министерот Алаѓозовски по сесијата.
При средбата со министерот за култура Алаѓозовски, директорката на Мрежата, Антје Контиус, побарала од него да ги искористи неговите добри релации и односи со министрите за култура на Бугарија и Босна и Херцеговина и да се заложи и овие две земји да станат членки на Мрежата.
Во Европската мрежа за литература и книги ТРАДУКИ, покрај Германија, Австрија, Швајцарија и Лихтенштајн, членуваат речиси сите земји од Југоисточна Европа. Програмата за поддршка за превод на белетристика, современа стручна литература и книжевност за деца и млади 9 од 20. и 21. век ТРАДУКИ ја поддржува размената меѓу земјите – учеснички. Посебно внимание им е посветено на преведувачите, кои претставуваат важни културни посредници, па оттука и името на оваа мрежа, чија цел е да ја зајакне европската и меѓурегионалната соработка и да ја поттикне размената на информации во преведувачката дејност, преку средби меѓу авторите, преведувачите, издавачите, библиотекарите, критичарите и научниците.