13.8 C
Skopje
Thursday, May 23, 2024
spot_img

Петарда за секое дете

Со кое право ние очекуваме од нашите деца да тргнат од оваа стартна позиција и да бидат конкурентни на светскиот пазар,  да ни испорачаат светски успех кога сме ги заковале во оваа непогодна географија со услови за образование и развој од минатиот век!?

 

„Проектот компјутер за секое дете е одличен, би сакал ние во Велика Британија да можевме да си го дозволиме“  – Ендру Ки, поранешен амбасадор на Велика Британија во Република Македонија

Јавноста се шокираше кога слушна дека дечиња од кумановско пешачат по шест километри на ден за да може да го завршат задолжителното основно образование. На плус четириесет и на минус дваесет овие мали херои се држат за рачиња и низ карпи и камења успеваат да стасаат до локален пат, таму да чекаат автобус за да ги однесе до училишна зграда. Велат дека со себе носат петарди, за секој случај, ако ги нападнат волци да можат да се одбранат. Учителката открива дека дечињата досега имале среќа  – наместо волци ги напаѓал „само“ пороен дожд, па честопати доаѓале премрзнати и мокри.

Лелекот над нивната мака траеше неколку дена за брзо да биде заборавен од првата следна човечка или уште поефектно детска судбина обликувана според  реатрдираноста на македонскиот здравствен, образовен или просто општествен систем. Бисера, Мила и другарчињата и денеска станаа, ставија ранче на рамо по некоја петарда в џеб и го изврвеа истиот пат. Но, денеска за разлика од пред некој ден, повеќе од сигурно на нив мислат само домашните. Ги испраќаат со молитви, а можеби дури и се среќни.  Таму тешко се добива интернет за да прочитаат, но можеби некој им раскажал дека на пример во близина, во село Вратогурце има едно прваче, дете со посебни потреби кое пешачеше двојно повеќе од нив, дури и по 13 км за да може да стаса на училиште. Ако се споредат со него, и ако се занемарат волците, овие деца навистина се среќни. Кај случајот во Вратогурце освен јавноста,  два месеци после обвајвувањето на приказната се шокираше и народниот правобранител па отвори и случај, но до денеска не знаеме како и дали и се помогна на малата Елеонора.

Не знаеме ниту како се разви сторијата со децата од тетовско Блаце. Тие изгледа беа најсреќни од сите, пешачеа само 2- 3 км низ шума до соседното Милетино и се жалеа зошто никогаш не го виделе бесплатниот автобуски превоз ветен и ставен во политички памфлет. Родителите велеа дека ќе мора сами да се организираат и да платат комбе за нвините деца да можат достоинствено да го користат правото на образование.

Очигледно, сами се организирале и родителите на Ервин и Лорин, од едно друго Блаце, кумановско. Овие вторачиња, заедно со десетина други се запишаа на училиште во друга држава, во Косово, во општината Хани Елезит. И овие деца пешачат по 5 км, таму нема волци,тие немаат отежнат вид, но мора да преминат државна граница оти во нивното село со 150 жители нема каде да учат. Со години бараат изградба на училиште, а одговорот од Министерството за образование е дека општината Чучер – сандево не ја доставила потребната документација за изградба. Една општина, па уште тоа уште да биде и Чучер – сандево со години да ти „зафркавала“ едно цело министерство. И цела држава. Оти системот очигледно не гледа проблем што со децении македонски државјавни учат во Косово, според косовска образовна програма. Основното, задолжително образование на овие деца им го „решава“ друга држава, ги образуваат туѓи даскали. И за нашиов систем овој факт не е битен. Ова не е приоритет, не е проблем. Медиумите молчат. И после од овие деца ние утре ќе чекаме да бидат лојални, одговорни, посветени македонски граѓани.

Проблемите на македонските деца не се само во транспортот. Кога ќе стасаат до првото најблиско училиште таму обично ги чека рунириана зграда, без чиста вода за пиење, без тоалети, без надгледни средства, без услови за нешто што во 21 век би се нарекло нормална настава. И вака е во селата низ цела Македонија.  Вакви приказни има многу. Ако денот не се извади на виделина некоја нова, не се сеќаваме на нив, ги забораваме, ги гази секојдневието, се дават во морето на важни, дневно-политички новости. За голема, висока политика и уште поголеми влогови во нејзините матни игри.

Овие приказни не се бројки,ова се деца. Деца на прагот на својот живот. Деца на коишто ваквите околности ќе им го обликуваат развојот. Ќе влијаат врз нивната перцепција за себеси и за светот, ќе им ги поткастрат крилата, ќе им ги затапат сетилата, ќе им ги врзат потенцијалите во крпче, наместо да ги вивнат во лимитот на небото. Ваква ли основа им даваме на нашите деца? Тие од оваа стартна позиција утре треба да бидат конкурентни на светскиот пазар? Со кое право ние очекуваме од нив да ни испорачаат светски успех кога сме ги заковале во оваа непогодна географија со услови за образование и развој од минатиот век? Овие приказни не се бројки, ова се деца, нашата иднина. Ова е Македонија денеска, Македонија која не успева да даде можност на секој поединец да ги искористи максимално своите потенцијали. Македонија која го толче, наместо да го гали детскиот ум и таленти. Ова е Македонија денеска, но ова е и Македонија утре, овие деца ќе пораснат. Тие деца сме сите ние. Соголени пред себеси и пред светот и сликата е грда.

Македонија денеска има проблем со обезбедување на основни услови за живот на своите граѓани – воздух, вода, безбедна храна, канализација, квалитетна лекарска помош…Но, ништо, ниту една сфера, ниту еден проблем нема долгорочно да се реши и надмине ако не го средиме образованието. На ова поле не може да се работи кампањски, мора да се почне веднаш, за резултатите да дојдат многу, многу подоцна. Да, тоа не е политички доволно примамливо, но е сериозна и единствена инвестиција. Нам не ни требаат проекти со звучни имиња, не ни требаат компјутери за секое дете, ни требаат тоалети, не ни требаат бесплатни, ни требаат добри учебници, не ни треба бесплатен превоз, ни треба државна стратегија за зајакнување на капацитетите и план за распоредување на образовни институции, не ни треба факултет во секој град, ни требаат професори со кредибилитет, знаење и образ. Низата глупави и нереални проекти ни потрошија деценија во којашто наместо да се занимаваме со темелите, ние требаше да се воодушевуваме на розовите фасади со коишто не’ (и се) мачкаа.

Во интервјуто за „Капитал“ славниот унгарски интелектуалец и писател Ѓерѓ Конрад, рече дека „револуцијата може да ја урне, но само образованието може да ја победи лошата власт“. Тогаш, Македонија се уште немаше Влада. Пет месеци подоцна, лошата власт е сменета, но не мора да пукне ниедна петарда во џебовите на кумановските дечиња за да сфатиме дека долг ќе биде патот за таа да биде и поразена .

Пишува: Катарина Синадиновска (помошник главен уредник во Капитал)

Извор: Kapital.mk

поврзани објави

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

Последни објави