Додека трае сапунската опера „Која е мојата мајка“ во копродукција на синодите на МПЦ-ОА и БПЦ, СЈО обелодени дека поранешниот премиер Груевски и поранешниот вицепремиер Пешевски претерале со отворањето на денарски и девизни банкарски сметки. Името на Пешевски фигурирало и како сопственик на неколку оф-шор компании во Кипар. Со голем број сметки може да се пофали и рајава (гласачкото тело), со таа разлика што повеќето од нив одамна се во минус.
***
Македонија е единствената земја на светов, што може да се пофали со фактот дека и премиерот и лидерот на опозицијата беа на судење во еден и ист ден. Така достигнавме уште еден „врв“ во нашата историја. Ваквиот настан може слободно да се конкурира со фактот дека добро стоиме и со канализацијата. Дури 18 % од територијата на Македонија може да се пофали со канализациска мрежа. Ги чекам бугарските окупатори да ни се извинат, бидејќи за 3-те години овде, можеле да направат барем неколку метри канал, ама тие „пусти да останат“, биле зафатени со други „активности“.
***
Токму за тие „активности“ побара извинување митрополитот Повардарски, г. Агатангел. Тој како еден верен бранител на статус квото во црковните дела и недела во Македонија се побуни против писмото на Синодот на МПЦ-ОА до Синодот на БПЦ. „Окупаториве“ прво требало да се извинат за Ваташа, па после сме можеле да им праќаме писма за спас од белградската црковна блокада. Во право е отецот, нема што да бараме излез од ситуацијата преку БПЦ, СПЦ е таа што треба да ни даде Амин, така било, а некои сакаат и така да продолжи, ама да видиме дали ќе ги огрее тоа сонце.
***
Едно друго сонце го газат во ЈП Водовод, тоа најмилото, со шеснаесет краци. Таков им е патриотизмот на некои. Газат врз него или пак го полнат со опушоци, ако истиот им е нацртан во пепелниците. Толку знаат, толку можат.
***
„Нашите од Перт“ немаат сопирачки кога се работи за „богоугодниот“ култ што го имаат кон истото тоа сонце. По пародијата со „Александровото оро“ (овде), тие одлучија да зачукат уште една шајка во ковчегот на грчката анти-античкомакедонска пропаганда. Ве молам, аплауз за Александар Донски? Кој е Александар Донски, ли? Па тоа е истиот „научник“ на кој му се сонило дека зборува со Филип и Александар. Како бе не ви текнува на него, срам да ви е!!! Откако се погрижи за забавниот дел (со орото на Александар) , нашата дијаспора во Аустрелија одлучи да обрне внимание и на едукацијата на „чедата Александрови“. Направиле проект насловен „Античките Македонци не се Грци“, а синоќа ја имав честа да ја видам и првата епизода (овде). Не би сакал да ја коментирам „тежината“ на оваа „серија“ како содржина. Погледнете ја монтажата (изведена во стил „Мамо мамо види, се научив да правам видеа на Windows Movie Maker“) и сѐ ќе ви стане јасно.
***
Инаку да знаете дека на овој „семакедонски проект“ му недостасуваат пари. Донски повикува да се запишете меѓу донаторите за ова „патриотско“ дело. Ве повикувам да помогнете!!! Како? Информирајте се на следниот линк (овде). Можете да го направите меѓу паузите во праќањето на пораки за лечење на македонските дечиња. Можете да заборавите на момент, дека живеете ден за ден и да останете во историјата. Заборавете на сета мака околу вас и дајте пари за хирот на некој си Џим Стефан од Сиднеј. Кој е Џим Стефан, ли? Тоа е продуцентот на ова ремек дело, башка сум сигурен дека е, и голем борец за „зачувување на името, наше исконско“. Сигурен сум дека Џим нема никаква претстава за тоа што се случува во Македонија. Гарант Донски заборавил да му каже дека во Македонија, родилки и бебиња умираат како муви. Не зборат патриотиве од дијаспорава за такви работи. Гајле им е дека сѐ уште нема именуван министер за здравство, ние и попис немаме спроведено од 2002 па што ни фали? Топ сме, можно е дури да најдеме јаглен на дното во дупката на дното, што ја копаме веќе 26 години.
Пишува: Батко Тане (Former Ancient Macedonian, или на македонски: Поранешен Антички Македонец)