Нашава осиромашена Македонија има голем проблем со (не)стабилноста на нејзиниот пензиски систем. Односно со нестабилноста на првиот или државниот пензиски столб. Премногу пензионери, премалку вработени, сива економија, скоро 50 % буџетска дотација за секој месец да се исплатат пензиите. И сега кога конечно мерките за привлекување гласови како бесплатен јавен превоз ( патем дискриминаторска мерка по војла само на Скопјани ), бесплатни бањи ( кои не се до толку баш бесплатни за сите ) и хитот – бесплатно скијање за пензионери, стивнаа и заминуваат во историја, се поставува прашањето – како да ја вратиме стабилноста на пензискиот систем ? Или попрецизно – да го оживуваме или да го умртвиме конечно ?
Институциите и надлежните министерства размислуваат на ова прашање веке неколку месеци. Мерката за зголемување на старосната граница за пензија нема да помине баш глатко кај гласачите. А тие се нели најбитни. Скратување на бенефициите на сегашните пензионери не се ни става на маса како опција. Па нив ги има најмногу на избирачките списоци нели ? Еве, сеуште се возат бесплатно низ Скопје, изгледа бесплатно и ќе скијаат зимава повторно. Најавените покачувања никој не помислува да ги одложи или да ги намали. Табелите со професии со бенефиции за пензии не се преиспитуваат, ниту анализираат за да се видат евентуални ефекти при евентуални промени. А пензискиот систем еве го на смртна постела, неспосбен сам да се одржува, секој месец тонејки во се поголема дупка.
И каде да се урди најпрво ? Логички, кај работодавците. Тие газдите нели имаат пари па ајде да плаќаат поголема стапка на придонеси. Ок, како идеја е добра, со самото покачување на минималната прала, автоматски во многу компании ќе се подигне и стапката за придонеси. Односно во бројки наместо 4200 денари ќе се плаќа 5130 днеари по вработено лице. Особено тоа е битно во текстилната и кожарската индустрија. Но дали е доволно ? Тешко. Едноставно ова нема да придонесе за зголемени дотации во пензискиот буџет, напротив ќе ја зголеми сивата економија и ќе го зголеми процентот на самовработени кои нема редовно да плаќаат придонеси. Или малите бизниси ќе се затворат. Спротивен ефект од посакуваниот. Ќе мора да се води и сметка дека компаниите, особено малите, оние со најмногу 10 –тина вработени, по сите нелогички давачки, како што беше радиодифузната такса, не се баш во финансиска кондиција. Така да ќе мора да се бара друго решение и сепак да се погледне внатре во институциите колку вработени има, или пак колку субвенционирани работни места има.
Еве една храбра идеја. Да го умртвиме државниот пензиски столб и систем и да префрлиме се во приватните столбови. Информирајте се, тие се во идеална финансиска кондиција. Но тоа би било и храбра политичка одлука. Прашањето е имаат ли храброст политичките елити за ваква одлука ?
Благој Митевски
Адвокат и Магистер по приватни финансии