Во Собранието почна расправата по предлог-буџетот за 2018 година. Предложениот буџет е на дневен ред во матичната Комисијата за финансирање и буџет, каде пред членовите го образложи министерот за финансии Драган Тевдовски.
– Предлог-буџетот на Република Македонија за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО, рече Тевдовски.
– Како што може јасно да се види од предлогот, народните пари ќе се трошат на вистински мерки кои ќе придонесат за подобрување на економијата и животот на граѓаните, а не на расипништво и непотребни проекти, истакна Тевдовски.
Министерот за финансии дека во Предлог-буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за клучните столбови на општеството како повисоки плати во Армијата, здравството, образованието и децата. Тевдовски додаде дека се предвидени пари и за враќање на претходно земени долгови и на затекнати неплатени обврски. Според предлогот, вкупните приходи за 2018 година се планираат на ниво од 193.512 милиони денари, а расходите се планирани на ниво од 211.745 милиони денари, односно 3,4 милијарди евра. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,7 проценти од БДП или 18.233 милиони денари во апсолутен износ. Ќе се финансира од домашно и надворешно задолжување, а со цел да биде пониско задолжувањето, се зголемува акцизата на нафтата за три денари од 1 јануари 2018 година. Вкупните приходи за наредната година се поголеми за 4,7 проценти во однос на оваа година, додека приходите за 4,1 процент. По предложениот текст има поднесено вкупно 279 амандмани. Расправата во Комисијата според Деловник трае 10 работни денови.