Според многумина аналитичари, во нападот од петокот во провинцијата Синај, во кој загинаа 305 лица, од кои 27 деца, а 128 беа повредени, главната цел на терористите биле луѓето од суфиската заедница во регионот, кои се молат токму во џамијата Ал Рауда. Иако ниту една група не ја презеде одговорноста, египетската државна новинска агенција МЕНА рече дека има веројатност нападот да бил изведен од ИСИС.
Во Египет и на други места суфите, исламска секта (или дервишите, како што исто така се познати) често се предмет на особено суров третман од страна на џихадистите. Прашањето е зошто?
Суфизмот (или тасаууф) е исламско движење, кое ги користи молитвите, аскетизмот, музиката и танците, за да постигне подлабоко разбирање или познавање на Бога. Една од најпрепознатливите фигури на суфизмот е дервишот кој се врти и го повикува името на Аллах.
Класичните суфи наставници го дефинираат суфизмот како “учење, чија цел е поправката на срцето и неговиот пат до Аллах Теалја – патот” или како “учење преку кое човек може да научи како да патува во Божественото присуство, да ја пречисти нејзината суштина од нечистотија и да ја направи убава со разни хармонични карактеристики “. Некои го одредуваат суфизмот како “мистична” верзија на исламот, која што ги почитува и одделните светители (кои ги поставуваат како патрони на своите редови). Многу суфии не се дефинираат како суфии, бидејќи тоа е начинот на кој муслиманите го практикуваат и секогаш го практикувале исламот.
Според специјалистите, ова е аспект на исламската вера и практика во која муслиманите ја бараат вистината за божествената љубов и знаење преку директната комуникација со Бога. Тоа е во основа приказна за индивидуалното мистично искуство.
Има несогласувања во врска со етимологијата на името. Се смета дека зборот “суфии“ е изведен од арапската збор “суф”, што значи волна, поради грубата облека која следбениците на оваа струја ја носат, за да покажат дека ги избегнуваат светските капризи. Други сметаат дека доаѓа од зборот “саф” или “ранг”, бидејќи тие се на прво место во присуството пред Аллах или дури и од грчкиот збор sofia, што значи мудрост.
Без оглед на значењето на името, суфизмот го остави својот белег врз исламската литература, уметноста, музиката и архитектурата. Милиони во светот стигнале до него преку стиховите на персискиот мистик и научник од XIII век Мевлана Џалал ад-Дин Мухаммад Руми. Нема сигурни извори за бројот на суфите, исламска секта во целиот свет, но поголемиот дел од нив се придржуваат кон сунитскиот ислам, иако има и дервишки ордени, кои пак произлегуваат од шиитскиот ислам.
Поради својата филозофија и начин на живот суфиското братство формира една цврста заедница, едно духовно братство, па и најскромниот приврзаник да се чувствува поврзан духовно со сите останати дервиши.
Практично суфите се монаси, кои дале завет за сиромаштија и негирање на земните задоволства.
За поголемиот дел од историјата на исламот, суфизмот не се смета за нешто посебно. Негирањето на струјата на дервишите денес е поврзано со подемот на исламизмот, особено при современите ултра-конзервативни салафити.
Суфизмот е речиси дијаметрално спротивен на салафизмот и вахабизмот – најгрубите и пуритански струи во сунитскиот Ислам, претставуван од групи како “Исламска држава” и Ал Каеда. Овие крајни идеологии ги сметат дервишите за еретици и отстапници, кои треба да бидат убиени поради своите верувања.
Во април 2011 година бомбаши самоубијци убија околу 41 суфии, кои се собраа за тридневен фестивал во светилиштето Сакхар Сарвар во Пакистан. Во сличен напад во февруари оваа година загинаа 80 луѓе. Меѓутоа, со појавата и развојот на “Исламската држава”, нападите против суфиите ескалираа многу повеќе.