Нема да биде изненадување доколку основачот на ВМРО-ДПМНЕ, а сега лидер на ВМРО Народна партија, Љубчо Георгиевски биде еден од кандидатите за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на конгресот на 23 декември.
Генералниот секретар на ВМРО НП Љупчо Балковски за „post.mk“ потврди дека општинските комитети како и делегати на конгресот му се обратиле за да го информираат дека сакаат основачот на партијата повторно Георгиевски да застане на чело на ВМРО-ДПМНЕ.
Изминативе неколку дена интензивно ме контактираат од општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ со предлог Љубчо Георгиевски да биде кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Интересно е дека предлогот Георгиевски повторно да застане на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа токму од базата, односно од општинските комитети. Ова за нас и за Георгиевски е убаво да се слушне и е од особена чест. Впечатливо е и дека изминативе два дена откако се обелодени датумот за вонредниот конгрес, лично ми се јавуваат и делегати од конгресот за да ме информираат дека Георгиевски ќе го предложат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ,ни изјави Балковски.
Тој објаснува дека засега лидерот Георгиевски и ВМРО-НП ќе почекаат да видат дали ќе има предлог од делегати за кандидатура на Георгиевски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вонредниот конгрес. Истакнува дека нема да прават кампања додека не се уверат дека ВМРО-ДПМНЕ сака да си го врати стариот лидер за претседател.
Балковски додава дека од општинските комитети и делегати го уверуваат оти Георгиевски за претседател на најголемата опозициска партија е најдобро решение, бидејќи тој ќе може да ги обедини сите групации во ВМРО-ДПМНЕ.
Информациите кои делегатите и општинските комитети ги споделуваат со мене се и дека само Георгиевски може да спречи натамошни поделби на ВМРО-ДПМНЕ, вели Балковски.
Во меѓувреме се очекува да биде закажана седницата на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на која ќе треба да се потврди одлуката за одржување на вонредниот конгрес и датумот за негово одржување. По ова и официјално ќе почне трката за потписи за кандидатури за претседател. Секој што ќе има поддршка од 30 делегати од конгресот ќе може да учествува во изборот за нов партиски шеф.
Тогаш ќе се искристализира кои од кандидатите кои досега се споменуваат за најсериозни наследници на Груевски ќе влезат во трката за нов лидер. Од имињата кои се споменуваат за може нов лидер на партијата се Христијан Мицковски, Илија Димовски, Никола Поповски, Антонијо Милошоски и Никола Тодоров.