Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од денеска престојува во официјална посета на Федеративна Република Бразил. Утре Иванов ќе биде примен од претседателот на земјата, Мишел Темер, со највисоки државни почести. Во рамки на посетата претседателот ќе присуствува на свеченото отворање на Амбасадата на Република Македонија во Бразилија, прва резидентна македонска амбасада во Латинска Америка. За време на официјалната посета предвидено е претседателот да оствари средби со Пауло Скаф, претседател на Федерацијата на индустрии на Сао Паоло, и Едуардо Виера, претседател на Федерацијата на индустрии на Рио де Жанеиро. Иванов ќе одржи предавање на тема „Европската бегалска криза – научени лекции” во Бразилскиот центар за меѓународни односи. Ова е прва официјална посета на претседател на Република Македонија на Федеративна Република Бразил и на Латинска Америка.