30.8 C
Skopje
Thursday, June 20, 2024

Алаѓозовски: Прокиснува и „Танец“, фокус на создавање пристојни услови за постојните културни установи

Прокиснување на новиот објект, потреба од обнова на инструментите, услови за соодветно чување на оригиналните носии и изработка на копии за вообичаени настапи и проби, недостаток на кадри – се меѓу проблемите на Н.У – Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“, кои денеска му беа предочени на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, за време на неговата посета на институцијата. При посетата, министерот Алаѓозоски кој разговараше со вработените и направи увид на објектот и условите, истакна дека Министерството и Владата на Република Македонија имаат заложба да ги решаваат проблемите и да ги подобрат условите во кои творат уметниците и затоа, вели, нема да се работат големи и прескапи капитални проекти, туку фокусот ќе биде на реконструкција и создавање пристојни услови во постојните институции. „И покрај тоа што и овој објект е нова зграда, односно доградба, бил оставен недовршен. Дел од зградата е без покривна конструкција поради што повторно има протекување кое што ги оштетува работните простории и ако не преземеме нешто ситуацијата ќе се влоши. Во таа смисла ние правиме приоритети на санација на објектите и очекуваме дека и овој проблем брзо ќе го решиме“, посочи Алаѓозоски. Досега, како што објасни министерот, преку 20 институции пријавиле проблеми со прокиснување, што како и предлог – проектите за нивна санација ќе бидат разгледани од Комисија на Министерството на терен, по што проблемите ќе се решаваат по критериумот на ургентност и приоритет и во зависност од буџетските средства. Доколку буџетот е во добра финансиска кондиција, веќе во 2018 година ќе се пристапи и кон санирање на проблемите во „Танец“. Директорот на „Танец“, Стојанче Павловски, изјави дека иако имале нови вработувања, сепак, секогаш имаат потреба од млад кадар поради повредите кај играорците кои се случуваат во текот на работата. Во однос на инструментите, додаде, тие се доста застарени и треба да се обноват. „Потребни ни се нови инструменти, материјали за нивно тековно одржување. Контрабасот ни е во очајна состојба и сега за концертот позајмуваме контрабас“, вели Павловски. Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ брои 86 вработени, располага со годишен буџет од околу 50 милиони денари. На 18 декември во МОБ ансамблот ќе го одржи традиционалниот предновогодишен концерт.

поврзани објави

Последни објави