3.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Димовски: Раководните лица во ВМРО-ДПМНЕ не создадоа услови за демократски Конгрес

Илија Димовски преку статус на Фејсбук ги информираше делегатите на Конгресот дека нема да присуствува на истиот, бидејќи нема да биде демократски

-Со жалење ги информирам делегатите на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да присуствувам на Конгресот затоа што раководните лица и органи во партијата не создадоа и не овозможија услови за демократски Конгрес кој реално ќе ја отслика вољата на членовите. Овој Конгрес не го носи со себе легитимитетот на широкото и големо членство на ВМРО-ДПМНЕ. Има политички дефицит и јасни одрази на креирање на состојба на формален избор на веќе одлучено решение, без вклученост на нашите местни и општински комитети, ветераните и сите членови на партијата. Моите забелешки не се од персонални причини, туку станува збор за принципиелни и концептуални разлики, вели Димовски.

Тој порача дека на ВМРО-ДПМНЕ му е потребен нов концепт на отвореност и демократија.

-ВМРО-ДПМНЕ беше партија во која членовите видоа алтернатива на комунизмот, едноумието и анационалните структури од минатото. На ВМРО-ДПМНЕ му е потребен нов концепт на отвореност, транспарентност и демократија. Партијата мора да ги обнови и создаде старите партнерства и мора да биде прифатена како сериозна и единствена алтернатива на лошата и неуспешна власт на СДСМ. Но, ВМРО-ДПМНЕ тоа може да го покаже само низ сопствен пример на прифаќање на некои свои грешки и пропусти, нивно исправање и силна енергија која ќе покаже дека и членовите и граѓаните, без разлика на нивната етничка и верска припадност, ќе може да прифатат дека ВМРО-ДПМНЕ е столбот врз кој може да се гради демократија, слобода, економски напредок и здрава и силна држава. ВМРО-ДПМНЕ во минатото направи многу добри проекти во економијата, инфраструктурата, земјоделието, социјалните права на граѓаните, за Армијата, за младите, за претприемачите и пензионерите. Затоа не смее да покажува знаци на демократски дефицит и знаци на неспремност за прифаќање на различно мислење и во рамките на себе и надвор од своите структури, напиша Димовски.

поврзани објави

Последни објави