Крајно време е да се соочиме со вистината дека генерирањето и емитувањето на лажните вести во
медиумите, на интернет и на социјалните мрежи, без мониторинг и мерки за граѓанска и кривична
одговорност, е основа за тензии и конфликт. Оние кои предизвикуваат штети генерирајќи лажни вести мора да сносат одговорност. Позитивните европски примери треба да бидат имплементирани и кај нас, истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во неговото годишно обраќање во Собранието на Република Македонија.
Иванов додаде дека во изминатите три години, повеќе од 30% од идентитетите на нашите разузнавачи се откриени. Иванов порача дека е време да се врати јавната пристојност во јавната дебата.
– Нема посоодветно и подобро место за тој процес да започне од овој дом на демократијата. Пример
треба да дадат и медиумите. На Република Македонија и е потребно слободно, независно и
професионално новинарство, а не медиуми кои функционираат како експонати на политичките партии и пласираат лажни вести, рече Иванов.
Иванов во обраќањето се осврна и на потребата од борба против корупцијата и организираниот
криминал и реформите во судството.
– Во тек се реформите во судството кои треба да се спроведуваат со еминентни, објективни и
независни експерти, врз кои нема да се вршат партиски влијанија и притисоци. Само така ќе изградиме независно судство што ќе овозможи вистинско владеење на правото. Без сузбивање на криминалот и на корупцијата, на паразитската бирократија и клиентелизмот ние не можеме да градиме иднина за Република Македонија, порача Претседателот во обраќањето пред пратениците.