6.8 C
Skopje
сабота, ноември 28, 2026

ОСТАР ДЕМАНТ ОД УЧИЛИШТЕТО ВО МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА: Новинарството не смее да биде судница – од МНет се бара јавно извинување и одговорност!

ОФИЦИЈАЛЕН ДЕМАНТ
ЈАВНО ПОБАРУВАЊЕ ЗА ИСПРАВКА И ИЗВИНУВАЊЕ
ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Македонска Каменица најостро реагира на видеоприлогот објавен од Телевизија MNet под наслов „Обвинувања за физички напад од директорка врз ученик во М. Каменица – институциите постапуваат“.

Станува збор за објава со исклучително сериозна содржина, во која преку јавно пласирање на тврдења за наводен физички напад врз ученик се создава сериозен сомнеж за професионалниот и личниот интегритет на директорката на училиштето, но и за безбедноста, функционирањето и институционалната одговорност на самото училиште.

Според спроведената полициска постапка и официјалните сознанија со кои располага училиштето, не е утврдено постоење на настанот што е предмет на медиумската објава, ниту вина или одговорност на директорката за наводниот физички напад.

Оттука, се поставува суштинското прашање: како е можно во јавниот простор да се пласира обвинување со ваква тежина, со потенцијал да уништи нечиј професионален углед, а притоа да нема потврдена фактичка основа за настанот што се претставува?
Ова не е обична медиумска непрецизност. Ова е сериозно нарушување на границата меѓу правото на информирање и обврската за одговорно, вистинито и професионално новинарско известување.
Новинарството не смее да се претвори во судница во која пресудата се изрекува преку наслов, пред да бидат утврдени фактите. Уште помалку смее медиумската моќ да се користи како инструмент за создавање јавна осуда врз основа на непотврдени информации.
Особено е недозволиво кога предмет на таквото известување е директорка на основно училиште, чија професионална функција подразбира секојдневна одговорност, доверба, авторитет и непосредна работа со деца.
Јавното обвинување за физички напад врз ученик не е обична квалификација. Тоа е обвинување што носи сериозни морални, професионални и општествени последици.
А кога таквото обвинување не е потврдено, одговорноста за неговото пласирање станува уште поголема.

ПРАШАЊА НА КОИ РЕДАКЦИЈАТА ДОЛЖИ ДА ОДГОВОРИ
Во интерес на вистината, транспарентноста и јавната одговорност, упатуваме неколку конкретни прашања до редакцијата на Телевизија MNet:
1. Врз основа на кои проверени факти, докази и веродостојни извори е подготвен прилогот во кој директорката на училиштето се поврзува со наводен физички напад врз ученик?

2. Дали пред објавувањето на прилогот редакцијата побарала официјален став од директорката и од училиштето, или јавноста била информирана врз основа на еднострано презентирани тврдења?
3. Дали редакцијата ја проверила информацијата кај надлежните институции пред да ја објави и дали располагала со каков било доказ што го потврдува настанот?
4. Дали редакцијата направила разлика меѓу непроверено обвинување и утврден факт, или сметала дека самото објавување на сомнеж е доволно за да се наруши нечиј углед?

5. Кој ќе ја преземе одговорноста за последиците што ги предизвика ваквата објава врз директорката, нејзиното семејство, вработените, учениците и нивните родители?

6. Доколку институционалните сознанија не го потврдуваат наводниот настан, дали редакцијата има професионален интегритет јавно да признае дека објавила невистинита информација и да се извини на оние чиј углед го нарушила?

Со ваквите објави не се засега само една личност. Се создава непотребна вознемиреност кај родителите, се внесува сомнеж кај учениците и се доведува во прашање угледот на институцијата во која со години се вложуваат професионален труд, знаење и посветеност.

Врз основа на наведеното, бараме од редакцијата:
• Итно да ја објави исправката и официјалниот демант на објавената содржина.
• Да објави јавно и недвосмислено извинување до директорката за нанесената штета врз нејзиниот личен и професионален интегритет.
• Да упати јавно извинување до ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Македонска Каменица за нарушувањето на институционалниот углед и довербата на училишната заедница.

• Исправката, демантот и извинувањето да бидат објавени со соодветна видливост, на истата платформа и со споредлив простор и достапност како првичната објава.

Доколку редакцијата не постапи по ова барање, училиштето ќе ги искористи расположливите законски механизми за заштита на угледот, достоинството и правата на засегнатите, вклучително и обраќање до надлежните тела за професионална и етичка одговорност на медиумите.

Останува прашањето што јавноста има право гласно да го постави: Кој се крие зад анонимниот извор што доставил ваква тенденциозна и невистинита конструкција, со каква намера е пласирана и дали зад неа стои нечие однапред осмислено сценарио, лични или туѓи интереси и притисоци во кој медиумот свесно станува инструмент и си поигрува со една Воспитно-образовна институција?
Со почит,
ОOУ „Св. Кирил и Методиј“ – Македонска Каменица

поврзани објави

Последни објави