Иако за сите се работни денови, пратениците нема да работат најмалку до следната недела, односно до 9 јануари. Ваква одлука народните избраници си ја донеле на координација со собранискиот спикер, при што се договориле да ги спојат сите денови и по Божик да почнат со работа кога се очекува да се одржат две комисиски расправи.
На агендата на Собранието, всушност, нема закажани активности до 15 јануари, но собраниските служи информираат дека седници на неколку комисии ќе се одржат во периодот од 9 до 12 јануари, кои ќе бидат ставени дополнително во програмата на Собранието.
Инаку, на веб-страницата на Собранието единствена закажана активност е седницата на Комисијата за европски прашања за 15 јануари во 11 часот кога ќе се одржи презентација на програмата и на приоритетите за работа на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јануари – јуни 2018 година. Програмата пред пратениците ќе ја претстави амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија, Иван Великов Петков.