3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Иванов не го потпиша Законот за употреба на јазиците – ова е репресивен закон!

Имајќи ги предвид експертските укажувања за противуставноста на законот, донесов одлука да не го потпишувам указот за Законот за упореба на јазиците, изјави претседателот Ѓорге Иванов.

Тој додаде дека испратил писмо до Собранието на Република Македонија со кое што го известува за неговата одлука. Во писмото Иванов детално правно ја образложил одлуката и ги повика пратениците сериозно да ги разгледаат забелешките и одговорно да постапат.

– На 11 јануари 2018 година, Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за употреба на јазиците, без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и експертската јавност и без опозицијата. Уште пред да биде изгласан, во повеќе наврати укажав дека не е добро кога прашања кои се веќе апсолвирани повторно да се отвораат заради добивање на краткорочни политички поени, а на штета на трајните интереси на Република Македонија и македонскиот народ, рече Иванов.

Иванов забележа за употребата на европското знаменце при носењето на законот и рече дека со овој закон Македонија станала единствената земја што сама си поставила услови за членство во Унијата без никој тоа од неа да го бара.

– За апсурдот да биде поголем, дури и укажувањата на претставниците на Европската Унија не беа испочитувани и беа игнорирани. Европското знаменце е злоупотребено за со просто мнозинство да се донесе закон со кој се менуваат системски закони коишто, пак, се носат со двотретинско мнозинство.

Тој истакна дека со овој закон се воведува скап паралелизам во сите органи на власта, што води кон нивна блокада и нефункционалност.

– Во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија, предупредува Иванов.

– Наместо во духот на дијалогот и соживотот да градиме мултиетничко општество прекуправедни и општоприфатени закони, ние донесуваме неправеден и репресивен закон со кој се фаворизира само албанскиот јазик, рече Иванов.

поврзани објави

Последни објави