Вчерашниот ден, недела, ме врати во младоста! Пред некои 26 години, над еден милион Грци во Солун протестираа против „Македонија“, за Македонија, во еден сплотен националистички гнев, со возвишен хеленистички патриотизам и спорадичен шовинизам, местимично и фашизам – ах, такви се Грците, антички демократи, кај нив вирее сѐ што можете да замислите дека постои во таа демократска палета – со нескриена масовна омраза кон нас, нивните мали и нејаки северни соседи чијашто победничка партија на изборите имаше намера следниот партиски конгрес да го одржи во Солун.
Ееех, младост! Знамиња, пароли, пена на устите, фонтана од силни емоции, водопади солзи-радосници… Сагапо, сагапо!
Потоа и ние, здружени, научивме како се краде од државата, а тие банкротираа епохално, па ние прискокнавме со шопинзи и одмори да им ја спасуваме економијата, се мачевме таму со нес-кафиња и гира, плус масовно заминавме на гурбет во Германија, за да помогнеме таа да им ги покрие долговите на Грците кои им врескаа в лице дека се нацисти што им должат пари за репарација уште од Втората светска војна… Тие нѐ учеа како национално се зрее не во мудрост, туку во екстравагантна лутина, со љубов во омразата.
Оти, нам ни беше лесно, бидејќи сме ние во постојан банкрот, ама жал да те фати за Грците, тие имаа па немаа па пак ќе имаат, а ние немавме па немавме и пак ќе немаме… Од нив учевме како, истовремено, да се цица и да се мрази Европа и Западот; како на Американците поединечно да им се покаже средниот прст додека ни ја гарантираат колективната безбедност; како Црквата да стане верска корпорација со џипови, а татковината друштво со ограничена одговорност во кое никој не одговара со имотот, туку само со дигање здравици со ракии и уза, со шопски и ѕаѕики, со ракче и рипче и со печени пиперки во оцет и лук, со бузуки, зурли и тапани, кога државата ќе ја доведеш на барабан.
Каква школа! Врв! Нема пари со кои тоа може да се плати. Ма, нема пари, нема ич.
Едни без други не можеме, барем колку што едни со други не можеме, ако не и повеќе. Ние сме им мост до Србија, тие ни се мост до Турција, со мала пауза во Аспровалта. Се тепаме за Александар кој запали сѐ пред себе од тука до Пакистан! Герој, стратег, пак-ти-стани, маченик, масовен помирител со меч и оган, пепел! За него, Велик, секако вреди до последен да се истребиме.
Ах, каква младост, кога митинзите беа милионски, а барјаците километарски!
А не ова денеска! Во Солун одвај 100-200 илјади, во Скопје сал 200 мина… Така ли ќе се мразиме?! Без ни еден прозорец да скршиме, нешто троа да потпалиме?! Тие барем два-три коњи извадија, кај нас само магариња… А и беретките исти шнајдер им ги шие.
Ништо, остаревме, омразата ни стана реуматична, а љубовта склеротична. Тие останаа Грци по професија, ние Македонци во депресија. Како што тргнало, ние златно име ќе изгубиме, а тие нема да го сочуваат.
Што години се потрошија, можевме барем по една вакцина да измислиме, за нешто, што да е, за настинка, за тртки, за газот кога те сврбе…
Сашо Орданоски
Извор: Цивил Медиа