Во Република Македонија првпат со Законот за утврдување на цените на водните услуги во јануари 2016 година, тарифите за водни услуги се формираат на транспарентен начин, по методологија која се користи во многу земји во регионот и во рамки на Европската Унија.
Ова го посочува Регулаторната комисија за енергетика во соопштение во кое ги демантира наводите дека е започната „војна“ околу тарифите за водни услуги.
Во соопштението додаваат дека главната цел на методологијата е утврдените тарифи да овозможат финансиски самоодржлив систем на водни услуги.
– Во однос на некои квалификации дека решенијата на Регулаторната комисија за енергетика се политички мотивирани, укажуваме дека таквите изјави се штетни за целиот реформски процес и базирани на
недоволна упатеност во законските обврски и работата на комисијата, наведуваат од Регулаторната комисија за енергетика.
Потенцираат дека сите пресметки на тарифите се во согласност со законската и подзаконската регулатива која и понатаму професионално и доследно ќе биде применувана од нивна страна.
– Професионалноста во донесувањето на решенијата од страна на Регулаторната комисија за енергетика може лесно да се провери доколку за тоа се има желба и интерес, посочуваат во соопштението.
Во однос на тарифите за водните услуги кои ги дава ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, укажуваат дека согласно методологијата, тарифата за снабдување со вода за пиење е утврдена на исто ниво како и постојната, додека тарифата за собирање и одведување на урбани отпадни води е утврдена на пониско ниво од постојната по која наплаќа претпријатието, што значи дека вкупниот надоместок за овие две услуги се намалува во однос на постојниот.
– Воведувањето на нова тарифа за прочистување на отпадни води е согласно Законот за утврдување на цени на водните услуги и нејзината висина е неспоредлива со ниедна друга бидејќи овој вид тарифа првпат се воведува за ЈП „Водовод и Канализација“ – Скопје, наведуват од Регулаторна комисија за енергетика.
Додаваат дека доколку претпријатието смета дека со ефикасно работење ќе може да ги намали оперативните трошоци кои се презентирани во барањето до Регулаторната комисија за енергетика, може да подготви промена на барањето и да го достави на увид и одобрување од наша страна.
Укажуваат дека минималната просечна тарифа ги покрива само тековните трошоци за работењето на претпријатието, додека пак средствата кои претпријатието ги има предвидено за инвестиции се содржани во опсегот утврден со решението на Регулаторната комисија за енергетика.