Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оствари средба со европратениците од групата на Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот Парламент, Виктор Боштинару, Тања Фајон и Тонино Пицула.
На средбата се разговараше за актуелните општествено политички состојби и стратешки приоритети на Република Македонија за членство во Европска Унија и НАТО. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски посочи дека е потребен политички дијалог за надминување на разликите во однос на клучните процеси во државата, а за негово воспоставување потребна е волја од владејачкото мнозинство, информираат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат:
„Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да го поддржи секое решение и реформски процес за кое ќе оцени дека е во интерес на државата и јакнење на демократски процеси, како доколку е во интерес на сите граѓани на Република Македонија. Од страна на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски е истакнато дека актуелната власт спроведува политички прогон врз граѓаните, како и врз пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според Мицкоски ваквиот чин ја уназадува државата и го отежнува демократскиот процес“.
Претседателот Мицкоски, потенцираат од партијата, истакна голема загриженост за економската клима и состојба во Република Македонија која според сите макроекономски показатели се наоѓа во катастрофална ситуација од кога е на власт Социјалдемократскиот сојуз.