18.8 C
Skopje
Friday, October 4, 2024

Професорите до Шилегов: Зошто не заборавивте?

Група професори од скопските гимназии испратија отворено писмо до градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Во писмото професорите упатуваат повик до Шилегов за како што велат „да се подигне свеста за состојбите во училиштата и уште повеќе, да се преземе нешто“.

Писмото го пренесуваме во целост.

„Господине Шилегов,

Ви се обраќаме со надеж дека ќе ставите крај на ужасното самоволие, на нечовечкото поигрување со човечките судбини, реваншизмот и фашистичките методи со кои директорите на скопските гимназии веќе деветта година суверено владеат со скопските училишта (некои со цели два, а некои од нив успешно туркаат и трет мандат)

Ве прашуваме: Зошто нè заборавивтè? Зошто никој од челниците на новава власт не пројави интерес за она што се случува со нас и кај нас, нешто за што целосно оглувевте и ослепевте. Не сакаме да веруваме дека Вие или никој од вашиот тим не начул за тоа во какви услови работиме ние коишто не направивме „злосторнички здружувања“ со корумпираните партиски послушници кои Груевски ги постави за директори на училиштата. Не знаете ли низ какви сѐ бизарни форми на мобинг минавме изминативе години? Омаловажување, деградирање пред ученици, нарачани инспекциски посети и монтирани казни. Знаете, веруваме дека сте информирани, но она што нѐ плаши и збунува е зошто тие индивидуи сѐ уште се на своите позиции каде што упорно продолжуваат со старите методи на понижување, притисок и уцени врз вработените. И, да, кај нас сѐ е исто како лани, како пред 2, 6 или 9 години.

Дали претеруваме ако заклучиме (од досегашниот развој на настаните) дека вие заштитнички се однесувате кон директорите, дека сте склучиле некој заемно корисен договор или дека едноставно ние сме премногу „ситна боранија“ за да трошите време и правда на нас. Клучниот збор е ПРАВДА. За неа трпевме, толериравме, трпеа и нашите семејства и пријатели, и по спектакуларните избори (не можете да го одречете нашиот придонес за резултатите, затоа што бев дел формите на протестирање против режимот, а беа и нашите ученици) конечно се понадевавме дека расчистивме со злото и со неговите ПОДАНИЦИ, арно ама…

Зошто дозволувате неучени, непрофесионалци од најнизок ранг, со купени дипломи, со невообичаено високо банковно салдо за нашите услови и професија сѐ уште да ги раководат најчувствителните институции – училиштата. Тоа е како да ставите осуден арамија за директор на банка. Не смее луѓе со најсомнителен морал да раководат со институции во кои се обликува карактерот на младите луѓе. Каков пример им давате на децата и на младите со тоа што индивидуи коишто пред и по 27. април ги гледаа на социјалните мрежи и телевизиските екрани како се обидуваат насилно да го урнат уставниот поредок на земјава – сѐ уште се директори на нивните училишта?

Ние се истрошивме, се изморивме чекајќи да се сетите и на нашиот дел од правдата и затоа сега бараме, инсистираме, повикуваме – Тргнете ни ги пред очи груевистичките директори, проветрете ја малку атмосферата којашто 9 години секојдневно ја загадуваат со нивните мали и големи подметнувања и заплашувања и дозволете ни да си ја вршиме нашата благородна работа мирно и спокојно.

За децата се работи. Им дозволивте да си ги утврдат своите, лични училишни одбори ( како нивни тврдини, избрани послушници), а не на училиштата – на учениците, на родителите и на професорите.

Веруваме дека има поединци со интегритет, стручност, искуство и визија коишто ќе придонесат за унапредување на една од најурнисаните области во нашето општество. Пронајдете ги и именувајте

ги на местата на мафијава од којашто никако не можеме да се ослободиме. Притоа, не правете ги истите грешки како Вашиот претходник и не вадете ги поединците – кандидати од партиските списоци. И Вие и премиерот ветивте луѓе со знаење и со дела, ветивте враќање на довербата во институциите.

Ваше е да покажете дека тоа што го ветувавте, навистина и го мислите!“

поврзани објави

Последни објави