Пишува Др. Гордана Силјановска-Давкова, професор на Правниот факултет во Скопје:
„Повелбата на ООН (ius cogens) и Привремената спогодба (која упатува на Повелбата во Преамбулата), со актуелните преговори и предлози се СУСПЕНДИРАНИ од медијаторот и од ПРВАТА СТРАНА, како и „ЗАБОРАВЕНИ“ од ВТОРАТА (чии претставници, нелегитимно се самопрогласија за „НИЕ“/народот!!
„ Предлозите“, во духот на “carpe diem”, на Република Македонија гледаат/посегаат клептократски, небаре, 84 годишната старица (родена 1944) се „трансформирала“ во младата Елена Тројанска.
Ние, македонските граѓанки и граѓани, родени и растени во Република Македонија, изморени од 28 годишната европска Одисеја, наместо за просперитна економија, судски реформи, компетитивно образование, културни и спортски дострели, фрлени сме во „спор“ за сопственото име!!
Не, нема друга држава со исто име, ниту друг македонски народ!! Да, има три области во соседна Грција со име Македонија. Има таква област и во Бугарија. Па, кој споредува држава со провинција, кој меша државен и национален, со регионален идентитет? Соседот, во името на историјата и историското наследство, кое е цивилизациска придобивка!!
Во тек е обид за деноминација, заради силните чувста на Грците (Хан) кон името Македонија (иако го немаше до 1988) година и невидениот меѓународен притисок врз бесчувствителните „македонски народ“ и „македонски граѓани“ кои и „не знаат кои се и зошто се викаат така“, па мора да сфатат дека патот кон НАТО и ЕУ води преку демакедонизација/деноминација, зошто homo macedonicus не може без тоа да стане homo europicus!!
Република Македонија е како Телемах без Ментор, ту Пенелопа, сардисана од прагматични и лукративни младоженци….
Вчудоневидени од текот на настаните, односно од она што го гледаме и слушаме од преговарачите и интерпретаторите, но и од запалените протестанти на плоштадите, ја препрочитуваме Привремената спогодба за да провериме дали (не)виденото и (не)чуеното има некаква врска со договорената правна рамка, особено низ призмата на Хашката пресуда која беше прогласена за палома хартија!!
Па, нели е НАТО не само воен остатоток од студената војна туку и организација заснована на демократски начела? Зарем неговата воена политика не е заснована на владеењето на правото?
Во Привремената спогодба, во првиот член јасно пишува дека: првата страна ја признава втората како НЕЗАВИСНА И СУВЕРЕНА ДРЖАВА под привременото име!! Во членот 3, пак се вели: дека ПРВАТА страна ќе го почитува СУВЕРЕНИТЕТОТ на ВТОРАТА, пишува професорката за expres.mk.
Па, каква е врската меѓу горенаведените одредби и „ПРИФАТЛИВИТЕ“ решенија за обете страни, односно „ПРИФАТЕНИТЕ “ од ВТОРАТА страна ???? НИКАКВА…
Кој, каде, како и кога ја избриша Привремената спогодба на која се повикавме кога покренавме постапка во Хаг и на која се повикаа Хашките судии кога пресудија дека Грција ја прекршила, но не и Република Македонија?
Да потсетам:
1. Согласно член 1: „ВТОРАТА страна, како призната независна и суверена држава од ПРВАТА, како и сите други независни и суверени држави има право сама да си го одреди името и јазикот.“
2. Согласно Член 2: „ ПРВАТА страна, штом се обврзала да го почитува СУВЕРЕНИТЕТОТ на втората, се обврзала да не ја попречува во изборот на името и јазикот..
Власта во Република Мкаедонија, во 1995, во духот на bona fide и добрососедски односи , прифати да преговара со јужниот сосед за разликите во перецепцијата на нашето име, во надеж дека ќе се надминат.
Но, никаде во Привремената спогодба не пишува дека со Грција треба да договориме НОВО ИМЕ. Секои преговори може, но не мора да доведат до договор, односно може, но не мора да бидат успешни. Дури и во самата Спогодба стои можност за отстапување од неа. Се разбира, не треба многу ум за да се сфати дека претставниците на Република Македонија направиле огромна жртва кога прифатиле да прегиваараат со друг за сопственото име и да прифатат акроним на кој ќе им се обраќаат во рамките на ООН.
Веројатно поверувале дека преговорите ќе бидат куси и дека брзо ќе ја (раз)убедат Грција во добрите намери кон неа, како и во решеноста за евроитеграција. За жал, нашиот евроинтеграциски пат стана најдолгиот и најкомплицираниот, зошто се врза не само за реалниот напредок на Република Македонија во исполнувањето на критериумите, туку и за претходно решавање на спорот за името!!!
Всушност, можно ли е Давид ( Република Македонија) и Голијат ( Република Грција) , низ (не) рамноправни преговори да ги надминат разликите??? ЕУ илузија. Грција, наместо, во духот на Привремената спогодба да не турка во НАТО и ЕУ, не попречува, условува и уценува, кршејќи ги превземените обрски од Привремената спогодба и трансформирајќи го „привременото“ во прекувремено!!!
Сиве овие години, нашите државни претставници и ние, граѓаните, бевме жртви на своевидна духовна тортура во меѓународниот политички, економски, научен и културен простор, стоички трпејќи го оспорувањето на националниот и индивидуален интегритет, заради перипетиите со името. Трпевме бизарна дискриминација, бевме мета на апсурден именски мобинг. Преживуваме , свесни дека кованицата – новоговор, „бивша југословенска Република Македонија“ не говори за нас, туку за самопрогласените „КУМОВИ“.
Ние, подржани од добронамерните и правични претставници на многу држави, кои се однесуваа(т) кон нас како другите кон нив, кога пристапувале кон семејството на ООН, не од љубов или од лукративни причини, туку заради верба во она што остана од меѓународното право и правда , преживува(в)ме, верувајќи дека апсурдната приказна со името ќе трае кусо, односно дека ќе ја убедиме Република Грција дека не сме никаква закана за неа, па посегавме по промена на Уставот, промена на знамето, во убедување дека ќе ја зголемиме довербата, ќе ги отстраниме „стравовите“, ќе ги надминеме недоразбирањата. Ама, попусто.
Република Македонија нема долга државна традиција, но има своја историја и култура. Македонскиот народ опстанал низ вековите и премрежијата, благодарение на националната свест, односно името, негувано и пренесувано од генерација на генерација низ преданијата, песните, ората, литературата, личните имиња Македонка и Македон, литературата, меморијата…
Ние не го избравме името на нашата држава, ниту имаме легитимитет да го смениме. Го наследивме од мајките и татковците, бабите и дедовците, прабабите и прадедовците… Тоа е дел од нашито национален идентитет. Како е можно да прифатите промена на име за erga omnes употреба, ако 140 држави ве признале под името со кое сте аплицирале за прием во ООН?
Зарем не е национален мазохизам да барате од трета страна да ве вика не така како што ве признала, туку како што Грција бара? Како е можно по кој знае кој пат, да го менувате Уставот, негирајќи си го правото на самоопределување и суверенитет? Како е можно себе да се третирате како нерамноправни во ООН?
Никој, никогаш не ги овластил актуелните политичари наместо да преговараат за грчко- македонските разлики за името Република Македонија, да „КУМУВААТ“ на ново име.
Во нашиот Устав нема основ, ниту постапка за промена на името. Да, колонијализмот и идеолошката конфронтација на големите сили креираа држави со име: Горна и Долна Волта, Конго( Бразавил) и Конго ( Киншаса), Северен и Јужен Виетнам, Источна и Западна Германија, Северна и Јужна Кореја….
Ама, кога ќе кажете „ Република Македонија“, правите јасна дистинкција меѓу држава и провинција/област, зошто република е форма на државно управување, кое не оди со провинција/област. Во правниот и меѓународен сообраќај, не се споредуваат различни ентитети, држава со провинција, туку држава со држава, провинција со провинција.
Нашата држава не се вика Античка Македонија. Таа настанала во 20век, по германскиот модел на држава-нација!! Античкото наследство е цивилизациска и заедничка придобивка и не е ексклузивно право на Грција. Нека си ги негуваат трите грчки области грчкиот регионален идентитет, а ние – државниот и националниот. Иредентистичките стравови се не само беспредметни, туку и правно отфрлени од Бадентереовата комисија и од Меѓународниот суд во Хаг!!
Кога, покрај Централна, Источна и Западна Македонија во Грција, ќе ја прекрстите Република Македонија во Северна или Горна, ќе призведете целосна конфузија во многуте „Македонии“ , со тоа што, последнава, ќе го изгуби именскиот континуитет од 1944 (!!)
Ако се прифати придавката „ Нова “, тоа е не само неточно зошто не станува збор за невеста од 27 години( Коциас), туку за државна старица од 84 години….а, згора внесува тешка конфузија во поглед на националниот идентитет, името, јазикот.
Ако кумовите смислија „ бивша југословенска Република Македонија“, можеби е најдобро да се фокусираат на „ Демократска Република Македонија“..еден од низата предлози на Нимиц…. Звучи инспиративно, во недостиг….“.
*
Професор Гордана Силјановска-Давкова е водечки експерт за политички систем и уставно право. Членува во низа европски и светски организации и асоцијациите на правници а била член и на Венецијанската Комисија. Беше еден од најистакнатите членови на „Професорскиот пленум“, кој во времето на ВМРО-ДПМНЕ се спротивстави на обидот на Владата да ја намали автономијата на УКИМ.
Фото: радиомоф.мк
Извор: Експрес.мк