12.8 C
Skopje
Thursday, October 3, 2024

(ВИДЕО) Николовски: Поголеми субвенции за тутун за новата реколта

Почнувајќи од реколтата за 2017 година тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции за килограм предаден тутун, најави денеска министерот за земјодлество, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

„Владата на денешната седница во Уредбата за директни плаќања за 2018 година, ја дефинираше висината на субвенциите за килограм предаден тутун .

Со Уредбата, почнувајќи од реколтата 2017 година, тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции. Направивме измени во висината на субвенциите, со што директно стимулираме производство на квалитетен тутун.

Конкретно, воведуваме субвенционирање во три нивоа и тоа:

– субвенцијата за прва класа тутун ќе изнесува 80 денари по килограм, што е прво ниво;
– за втора класа обезбедуваме 70 денари, што е второ ниво;
– третото ниво на субвенционирање изнесува 60 денари по килограм и важи за трета и четврта класа, како за двете дополнителни класи.

Уште еднаш ќе потенцирам, дека на овој начин ќе ги мотивираме тутунарите не само да го зголемат производството на тутун, туку и да се насочат кон производство на поквалитетен тутун, за да добијат повисока субвенција.

Зборот е збор, трудот на тутунарите се цени и плаќа.

Нашите идни политики се во насока на развој на тутунопроизводството, кои ќе ги реализираме не само преку зголемените субвенции за тутунот, туку и преку измените во новиот Закон за тутун и тутунски производи.

Со новиот Закон кој е веќе подготвен и очекуваме да биде донесен наскоро, ќе се укине поднесување на евидентни листови. Тутунарите директно ќе склучуваат договори со откупните претпријатија. На овој начин им ја олеснуваме административната процедура за склучување на договорите за производство.

Реколтата 2017-та е една од најдобрите споредено со изминатите години. Откупот финишира, се постигна највисока просечна откупна цена, тутунот беше со одличен квалитет, што се должи на погодните временски прилики. Речиси и да немаше четврта класа на тутун. Се надевам дека и оваа година временските услови ќе ни бидат наклонети за да се постигне квалитетно производство. Досега се откупни повеќе од 23,5 милиои килограми по просечна од 217,5 денари за килограм.

Согласно откупната цена по класи, вкупната исплатена сума кон тутунарите ќе биде над 80 милиони евра.Со зголемените субвенции ќе им бидат исплатени околу 28 милиони евра исплатени на име субвенции. Што значи дека реколтата 2017 година на 23.000 семејства им обезбедува приход од вкупно 100 милиони евра.

Во тек е склучувањето на новите договори за реколтата 2018 година, и годинава очекуваме зголемување на бројот на склучени договори, поради високата откупна цена и интересот на откупувачите.
Како Влада, остануваме фокусирани на развојот на тутунопроизводството од што егзистираат повеќе од 23.000 тутунарски семејства. Нашите идни политики за оваа култура ќе бидат во насока на обезбедување на сигурност на производството и непречен откуп.

Во таа насока би сакал да порачам дека не само државата, туку во целиот процес на обезбедување на сигурен откуп и производство треба да учествуваат и откупните компании, што ќе влијае врз одржливоста и зголемувањето на производството и квалитетот“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

поврзани објави

Последни објави