Повеќе деца од кога и да е живеат во зони на конфликт, каде им се заканува смрт и насилство, се наведува во извештајот на хуманитарната организација „Спасете ги децата“.
Најопасни држави за младите се Сирија, Авганистан и Сомалија.
– Најмалку 357 милиони деца или едно од шест деца ширум светот, живеат во конфликтни зони, што претставува зголемување од 75 проценти во однос на раните 90-ти години, се наведува во извештајот на Организацијата.
Експертите посочуваат дека долготрајните конфликти и зголемувањето на бројот на училишта и болници кои се цел на напади ја зголемуваат опасноста за децата, велат експертите.
Голема опасност со која се соочуваат се и киднапирањата и сексуалното насилство.
– Гледаме шокантно зголемување на бројот на деца кои растат во областите погодени од конфликти и се изложени на најлошите форми на насилство што можете да ги замислите. Децата се изложени на страдање со какво ниту едно дете не би смеело да се соочи: од сексуална злоупотреба до тоа да бидат користени за самоубиствени бомбашки напади. Нивните домови, училишта и игралишта стануваат бојно поле, изјави претседателката на „Спасете ги децата“ Хеле Торнинг-Шмит, која е поранешен премиер на Данска.
Според податоците на ОН над 73.000 деца биле убиени или осакатени во 25 конфликти од 2005 година, кога почнала да се води таква статистика. Од 2010 година, бројот на убиени или осакатени деца, за кои ОН има потврда, е зголемен за речиси 300 отсто.
На Блискиот Исток, две петтини од децата, или 40 проценти, живеат во конфликтни зони. Според овој индикатор, регионот е рангиран на прво место во светот, по што следи Африка, каде 20 отсто од децата живеат во такви услови.