Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за бугарската телевизија БНТ1 изјави дека Македонија и Бугарија не може да ја сменат историјата, но можат заеднички да работат за подобра иднина.
„Време е да и покажеме на Европа дека можеме да ги решаваме проблемите како Европејци, да ги отвориме вратите и да станеме поблиски“, порача тој.
Во врска со спорот со Грција за името напомена дека Македонија прави се што е во нејзина моќ за да се постигне решение. Според него, има две цели во процесот на барање на решение.
Едната, како што посочи, е да има јасна разлика меѓу државата Македонија и регионот во Грција. Втората е тоа да се направи на достоинствен начин. Димитров порача дека Македонците се подготвени да прифатат географска одредница за името.