Ќосето и мртов им врши добра работа на комуњарите. Додека бил на активна служба им вршел добра работа и на едни други комуњари, оти нели Гоце и Даме биле токму тоа според некои недоветни левичари.
Комуњари и „вмровци“, и едните и другите не му се ни до глужд на Ќосето, ама добро го искористија за да си накалапат поенчиња покрај него. Кој бил Ќосето и дали бил болен психопат, кој го убил својот брат по наредба на Организацијата, сега и не е толку важно, ама приказнава е топ за замајување на јавноста.
Груевски прв ја започна играта. Машинеријата на претходната власт го претвори Андон Лазов во современа варијанта на Карлос Шакалот. Терорист кој убивал за задоволство, покриен под пелерината на патриотизмот. Вжештените глави од другата страна веднаш ја прифатија играта и започнаа да ги нарекуваат „ќосиња“ сите батки со повеќе од една тетоважа, кои поради нивни лични причини не се палат на комуњарски воспеви.
Поубаво наместени коцки од тие амин. Груевци си имаа нивен Рамбо, кој ги решавал работите „некаде со арно некаде со нож“, а пак комуњарите си земаа за право да тврдат дека, ете вмроните се самозадоволуваат гледајќи невидено херојство во активностите на еден социопат, кој убивал, небаре за задоволство. И така двете „завојувани“ странки го создадоа ликот на својот херој/антихерој.
Ќосето се појави пред зградата на Врховниот суд по темно и по темно си замина. Оти бил дивоградба и оти баш сега требаше да го срушат пошо многу полесно им е на сите да тролаат за кољачот од Голозинци, Велешко, отколку да се замараат за тоа со што Ивона Талевска е по факман од типот што лежи за кражбата на 200 ќебапи.
Ете ви реален проблем, за којшто треба ама многу јак протест. Но за жал за различниот аршин никој никаде не протестира нели? Ивона од земјата на Ќосињата го знае тоа, и сега ќе мирува додека не помине чудото со нејзината условна пресуда. Нејзините добри другарчиња од лево, и’ дадоа на рајата нова гума за џвакање. Сега неколку дена ќе се расправаме и за тоа колкаво дрво е Шилегов, пошо најави дека на местото на Ќосето, ќе посадел дрво на човековите права.
Да ви кажам нешто, за мене основно човеково право покрај сите други е и еднаквоста пред законите, ама таа еднаквост никако да ја намирисаме, а не па да ја видиме. Која е бе таа Ивона и со што нејзиното газе е поспецијално од шупакот на оној грев што уште скапува за ќебапите? Поставете си го тоа прашање драги мои, вие што ве боли стојко за името, вие што ќе протестирате во одбрана на истото име и вие кои не ги есапите ни едните, ни другите за арни со паметот. Одговорот можеби ќе ве натера да му се помочате на дрвото на чевоковите права, а може пак и да не ви трепне ништо, пошто голем дел од рајата се претвори во ќосиња од сите бои. Слепи партиски војници, кои едвај чекаат една трошка за да омесат цел еден леб.
Мене ми е криво што припадниците на Организацијата денеска служат за поткусурување. Тие не го заслужуваат тоа, бидејќи вакви или онакви, шетале со јамчето на врат со некаков идеал, од кого пак се појави и оваа држава, која едни луѓе мака мачаат за да ја раскрчмат.
Ќосето не убивал само по темно, убивал и посред бел ден. Тие што одлучија да си играат со неговото име и дело, немаа храброст да ја изведат својата претстава „Качи го-симни го, нека се радува рајата“ на бело видело. Да не прават гужви во сообраќајот (баш фино оправдување нели), ама кога ќе им текне да глумат протести, тогаш гужвите не се проблем. Реално проблемот е кај нас. Ние сме тие кои додека мислат со своја глава, се принудени да живеат со кратки хорор приказни од типот на таа што деновиве е актуелна, а имено приказната за Ивона од земјата на Ќосињата. Приказна што ја живееме секој ден и не ни текнува да кажеме: „Доста е!!!“
Автор: Атанас Величков
Извор: Трибуна.мк