Менаџерот на Челзи, Антонио Конте повторно јавно го изрази незадоволството за политиката која ја води клубот од „Стемфорд Бриџ“
Италијанскиот тренер минатата сезона со „сините“ ја освои Премиер лигата, меѓутоа во новата не му оди, а тој ја најде причината за слабите резултати – неадекватниот буџет кој раководството му го даде за засилувања.
„Имам големи амбиции, но немам пари во Челзи. Клубот добро знае која е мојата идеја, какви се моите амбиции. Не сакам да губам, јас сум победник. А тие амбиции секогаш треба да се поделат со клубот. А дали Челзи ги дели моите амбиции? Не знам. Јас работам на теренот и настојувам да ги остварам најдобрите резултати со играчите кои ми се на располагање. Многу прашања се поставени, а тие не би требало да бидат упатени само кон мене, туку и кон клубот“, беше коментарот на Конте.
Челзи е петти на табелата со 20 бодови помалку од лидерот Манчестер сити, а утре им гостуваат на „Граѓаните“ во рамките на 29 коло на Премиер лигата. Челзи моментално заостанува два бода од местата кои водат во ЛШ.