Пратеникот на Партијата за европска иднина (ПЕИ), Алија Камбероски, е рекордер според исплатени патни трошоци во Собранието за 2017 година. Тој од март до ноември лани за само девет месеци од Собранието добил 12.847 евра за патни трошоци. Ова значи дека во просек, само за патот до Собранието и назад, месечно добивал дополнително по 1.427 евра.
„Макфакс“ преку барања за слободен пристап до информации ги побара потрошените суми за патни трошоци од сите пратеници во Собранието за 2017 година. Пресметката покажа дека превозот и патарините на пратениците лани го чинеле државниот буџет приближно 465 илјади евра, без јануари, февруари и декември. Тоа значи дека по 50-ина илјади евра месечно биле исплаќани само за оваа намена.
Во топ-20 пратеници, според патните трошоци, освен рекордерот од ПЕИ, Алија Камбероски, кој потекнува од Струга, на второ место е пратеничката на СДСМ, Мира Стојчевска од Битола, која за овие девет месеци добила 11.736 евра, а на трето место е Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ, која исто така потекнува од Битола и зела 11.435 евра.
Веднаш по неа се наоѓаат пратениците Сурија Рашиди од „Алијансата за Албанците“, кој потекнува од Струга, со 11.164 евра, како и генералниот секретар на СДСМ, битолчанецот Александар Кирацовски со 11.065 евра.
Добро поминале и нивните колеги од СДСМ, Васко Ковачевски, Јован Митрески, Јагода Шахпаска, Жаклина Лазаревска, Бети Рабаџиевска-Наумовска, кои добиле приближно по 10 илјади евра за патни трошоци, како и нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска, Драган Цуклев, Зоран Илиоски и Емилија Александрова, кои исто така зеле по нешто повеќе од 10 илјади евра.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, добил 9.454 евра, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски, 9.850 евра, Крсто Мукоски од истата партија зел 9.563 евра, Сашо Поцков од СДСМ – 9.133 евра, Катерина Кузмановска од СДСМ добила 9.326 евра и Ванковер Манчев од ВМРО-ДПМНЕ – 9.007 евра.
Ако се разгледа списокот на топ-20 пратеници за 2017 година, на него се наоѓаат десет пратеници на СДСМ, осум пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, еден пратеник од „Алијансата за Албанците“ и еден од ПЕИ.
„Макфакс“ од Собранието ги побара, но не ги доби копиите од сите сметки за патарини и бензин, кои биле поднесени до законодавниот дом за повраток на патни трошоци од 2017 за десетина пратеници кои во изминатиот период се споменуваа како оние што најмногу трошеле за патни трошоци. Од Собранието нè информираа преку телефон дека доставата на ваквите копии не може да ја обезбедат бидејќи тоа ќе значело премногу фотокопирање и време за службите, па затоа не може да добиеме увид во копиите од патарините.
Квантитативниот пресек на активностите на пратениците во Собранието, според објавените податоци на нивната веб-страница, покажува дека пратениците почнале да работат од март. Тогаш немало комисиски расправи, а се одржале само 5 пленарни седници. Сепак, за овој месец 72 пратеници наплатиле патни трошоци од Собранието. Најмногу средства, или над 38 илјади денари, зеле пратениците Агим Шаќири и Крсто Мукоски, нешто помалку, или приближно 34 илјади денари, зеле нивните колеги Сурија Рашиди, Сашо Василевски, Томислав Тунтев, Лилјана Затуровска, Мира Стојчевска, Васко Ковачевски, како и Жаклина Лазаревска, Александар Кирацовски и Сашо Поцков.
Повеќе за ова на МакФакс