Во одговор на новинарско прашање, премиерот Зоран Заев вчера го коментираше новото барање на грчкиот претседател Павлопулос, Македонија да се откаже од македонското малцинство надвор од Македонија.
Јас не разговарам за црвени линии. Претседателот Макрон има убава изрека, вели дека за некого црвените линии се ограничувања, за мене се отворање на хоризонти. Навистина, не треба да ставаме никакви црвени линии, ако искрено сакаме да изнајдеме решение. Секако, мора да водиме грижа едни за други во рамки на зачувување на достоинството на двата народа и двете земји и зачувување на она што значи чувство а тоа е идентитетот. Идентитетот е чувство и за него не можете да преговарате и да се ценкате. Јас верувам дека во тој дух, водејќи се внимателно кон партнерите со коишто преговараме, ќе изнајдеме решение, а истовремено само ќе потсетам, еве да се отвори Уставот на Грција и да видиме како тие водат грижа за Грците надвор од Грција. Јас сум подготвен, како што тие водат грижа за Грците надвор од Грција, така и ние да водиме грижа за Македонците надвор од Македонија – рече Заев.