Многу е добро што прашањето за името е високо на агендата и се надеваме дека може да се создаде позитивен моментум, вели заменик-генералниот секретар на НАТО, Роуз Готмелер, во интервју за грчката телевизија Скај.
Во однос на членството на Македонија во Северно-атлантската алијанса, таа ја споменува неодамнешната посета на генералниот секретар Јенс Столтенберг на Скопје и ставот дека „треба да се оди напред во преговорите во рамките на ОН, на еден директен начин, работејќи со амбасадорот Нимиц, да се најде решение што јасно ќе им одговара на сите страни“.
Говорејќи за преговорите и споменувајќи го нејзиното лично искуство како преговарач, вели дека не може да се знае кон што водат, станува збор за бавни и тешки процеси, некогаш има два чекора назад, еден чекор напред, „но продолжуваш да одиш напред и да бараш решение“.
Заменичката на Столтенберг, на прашањето дали постои план Б во случај да нема договор до јулскиот самит, вели дека НАТО е посветено на политиката на отворени врати, а тоа се однесува не само на Македонија, туку и на сите земји што сакаат да станат членки.