14.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Заев ја одби понудата од Мицкоски: Законот за јазици мора да се донесе оваа недела

Време е да се донесе Законот за јазици, поминаа девет месеци дебати, побара по денешната средба со Босанско-херцеговскиот колега Звиздиќ, македонскиот премиер Заев. Повлечете го Законот од собраниска постапка и ќе имате поддршка за реформите што се неопходни за евроатлантските интеграции, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски во отворената понуда до СДСМ и Заев.

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев очекува неделава да биде донесен Законот за употреба на јазиците, согласно со Уставот и законите. Дебатата е отворена веќе девет месеци, и како што вели, треба што побрзо да биде затворена. Според него, сите кажале сѐ што имаат, а било оставено и доволно време за дијалог.

Со насилното носење на Законот за јазиците, СДСМ прави трајна и непоправлива штета на Република Македонија и може да ја втурне државата во уште поголема криза, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Според опозициската партија, ова е уште еден доказ дека законите не постојат и дека владее законот на силата и нема да има веќе демократија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски викендов во интервју за национална телевизија излезе со отворена понуда до СДСМ да го повлече од собраниска процедура Законот за јазиците, а за возврат ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи владините реформски процеси. За пораката од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот оцени дека станува збор за како што рече „копи пејст“ од изјавите на поранешниот лидер на партијата Никола Груевски.

Премиерот Заев тврди дека нема турбуленции во владината коалиција и дека Владата и парламентарното мнозинство се стабилни. Собранискиот спикер Џафери најави дека Законот за јазиците неделава повторно ќе се најде на пленарка.

Според информации од Законодавниот дом, се усогласуваат ставовите меѓу пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Сѐ уште останува енигма каков ќе биде епилогот – разгледување на над 35 илјади амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ или пак, директно гласање на Законот без никаква дебата.

поврзани објави

Последни објави