6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Мицкоски до Заев: Зоране, не можам да те оправдам, Законот за јазици е неуставен!

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во новото видео обраќање вели дека очигледно е и видливо постоењето на политичка концесија на премиерот Заев во поглед на прашањето на законот за јазици.

-Жалам што за вакво крупно прашање не се земаат во предвид аргументите и фактите, туку практично се погазува Уставот и по секоја цена се обидува да се донесе закон кој не е уставен. Не е возможно законот да се донесе по демократски пат, а без притоа да се прекрши Деловникот на Собранието и не се изврши упад во процедурите, бидејќи НИЕ (ВМРО-ДПМНЕ) нема да отстапиме од единствениот начин на покажување на демократски пркост а тоа се 36-те илјади веќе поднесени и прифатени амандмани, вели Мицкоски.

Тој вели бидејќи ваков клучен закон се настојува да се донесе без дебата и разговор со опозицијата, да се игнорираат забелешките од претседателот на државата, само за да се задоволат одредени политички апетити јасно е за каков случај на пазарење на сметка на уставот и законот имаме.

-Уште еднаш повторувам дека Зоран Заев ќе ја има поддршката на ВМРО-ДПМНЕ во обезбедувањето на парламентарно мнозинство, и стабилноста на владата само да не потпаѓа под уцените кои се на штета на државата, и да не го донесе неуставниот закон. Во таков случај ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање да учествува во изработка на законско решение кое е уставно, практично и применливо. Македонија не смее да функционира по принцип на преседани. Доколку се прекршат процедурите за носење на ова законско решение, тоа ќе значи воспоставување на нова незаконска пракса и истата ќе биде применувана  во иднина. Затоа го повикувам премиерот и сите субјекти од власта уште еднаш да размислат пред да влезат во нов процес кој ќе значи нова политичка криза за Република Македонија, нагласува Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на крај на своето видео обраќање упрати порака и до Заев.

-Зоране јас те разбирам дека наспроти тебе стои човек кој што нема никаква, никаква концесија во минатото и нормални се твоите изјави, не можам да те оправдам, но можам да те разберам. Ќе мораш да научиш да живееш со тоа, политичките кариери на политичарите не траат вечно, за некои се подолги, но за некои се пократки. Но, она што ќе остане позади нас е дали ние како политичари сме додаде вредност и сме направиле нешто за оваа држава и за овој народ. Затоа уште еднаш апелирам за разум од твоја страна, да се посветиме на реформските закони, да се посветиме на реформите што ќе значат поквалитетен живот за нашите граѓани, вели Мицкоски.

поврзани објави

Последни објави