Претседателот на ВМРО НП Љубчо Георгиевски во изјава за „Поглед.мк“ вели дека во моменталната ситуација со директните средби меѓу Димитров и Козијас, најдобро би било, Нимиц да направи еден документ од сите негови предлози во минатите 15 години и тоа да биде појдовната точка од која ќе се преговара за решение на деценискиот проблем.
П: Господине Георгиевски дали може да го дообјасните вашиот став зошто Македонија влезе во дипломатска замка?
Објаснувањето е многу едноставно. Во минатите 20 години, преговарачите од ОН, како господинот Нимиц, даваа предлог, а земјите се изјаснуваа за тој предлог и бараа дополнителни корекции, а она што е многу важно, обично тој предлог беше на една страничка и најмногу со пет шест реченици. Во најновите преговори, имаме обратна ситуација во која очигледно се гледа дека Грција дава свој предлог, а подоцна како што разбравме и Македонија дава свој предлог. И двете страни седнуваат и преговараат за тие свои предлози. Како што разбравме, грчкиот предлог го пишувале 60 грчки експерти и е документ со над 20 страни. Не знаеме, македонскиот документ колку страни има. За мене, тоа е парадоксален начин на билатерални разговори за проблемот кој не мачи сите. И не гледам како од тој билатерален разговор за Македонија може да има добро решение.
Затоа предлагам дека подобро ќе биде да му се обратиме на господинот Нимиц и тој да направи еден документ од сите негови предлози во минатите 15 години и тоа да биде појдовната точка од која ќе се преговара. Сигурно ќе имаме и помалку страни, а и од тоа што го паметиме, ќе имаме и подобри решенија.
П: Како гледате на критиките кои доаѓаат од Ѓорѓи Спасов?
Прво сакам да потенцирам дека теоретски во овој момент со господинот Спасов сме на иста страна и посебно ми е задоволство што еве после 20 години тој се бори да стане поголем бугарофил и гркофил од мене.