18.8 C
Skopje
Tuesday, October 8, 2024

Доларот под притисокот од трговската војна, растат сигурните валути

На светските валутни пазари вредноста на американскиот долар кон кошницата валути падна минатата седмица во близина на најниското ниво во последните триесет дена, бидејќи вложувачите стравуваат од трговска војна меѓу САД и Кина, што ќе нанесе штети на глобалната економија.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на шесте најважни светски валути на земјите најголеми трговски партнери на САД, минатата седмица падна за 0,9 отсто на 89,42 поени, недалеку од најниското ниво во последниот месец. Притоа цената на американската валута кон јапонската падна за 1,2 отсто, на 104,70 јени. Американската валута ослаби и во однос на европската, па курсот на еврото порасна за 0,5 отсто, на 1,2355 долари.

Најмногу минатата седмица зајакна валутите кои се сметаат за сигурни засолништа за капиталот во несигурните времиња на пазарите, како што се јапонската и швајцарската валута, бидејќи и на светските берзи цените на акциите остро паднаа поради ризикот од трговската војна меѓу двете најголеми светски економии.

Aамериканскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот го потпиша меморандумот кој овозможува воведување на царини до 60 милијарди долари на увозот на кинески стоки. Според условите од овој указ, Трамп ќе воведе царини дури по консултативниот период, кој може да трае 30 дена, а на листата за воведување царини се наоѓаат околу 1.300 производи, главно од секторите информатика, потрошувачка електроника и телекомуникациите. На тоа кинеското министерство за трговија порача дека Кина не се плаши да се впушти во трговска војна и ги објави плановите за воведување царини до 3 милијарди долари на увоз на производи од САД, како противмерки за од претходно најавените царини на увоз на кинески челик и алуминиум во САД, кои стапуваат на сила во петок. Покрај тоа, агенцијата Bloomberg ја пренесе изјавата на кинескиот амбасадор во САД дека Кина ги разгледува сите опции за одговор на воведувањето царини, што вклучува и можно намалување на американските државни обврзници. Кина, инаку, е еден од најголемите купувачи на американските должнички хартии од вредност, од кои се финансира огромниот буџет.

Овие најави ги зголемија стравувањата кај инвеститорите од избувнување трговска војна којашто ќе има последици и врз светската економија. Поради тоа зајакнаа сигурните валути, а на американскиот долар не му помогна ниту новото зголемување на каматите во САД.

Американската централна банка Federal Reserve (Fed) во средата ги покачи каматните стапки за четвртина процентен поен во интервал од 1,50 до 1,75 отсто, и сигнализираше уште две зголемување во оваа година, што значи вкупни три. Зголемувањето на каматите беше очекувано, а новиот претседател на Fed, Џером Пауел, порача на прес-конференцијата дека централната банка останува на патот за постепено зголемување на каматите и дека мора да биде подготвена да го спречи јакнењето на инфлацијата. Но прашањето за тоа во колку наврати Fed оваа година ќе ги зголеми каматите, три ли четири, и натаму останува отворено а ќе зависи од движењата на инфлацијата, пoрачуваат аналитичарите.

„Подигнувањето на каматните стапки од страна на Fed во три наврата оваа година, па дури и четири, не би претставувало особено изненадување за валутните пазари, кои очекуваа дека Fed ќе продолжи со нормализацијата на монетарната политика. Од друга страна, пак, на пазарите и натаму им останува простор да сметаат и со нормализацијата на монетарните политики во другите економии. Потребни се големи изненадувања за доларот да зајакне, а што оваа седница на централната банка не го овозможи“, вели во анкетата на Reuters Шин Кадота, валутен аналитичар во банката „Barclays“.

Извор: НетПрес

поврзани објави

Последни објави