Лионел Меси не можеше да издржи до самиот крај и ја напушти вип ложата на „Ванда Метрополитано“ откако Аргентина го прими и шестиот гол во пресметката со Шпанија, а иако неговата фрустрација беше очигледна со оглед тоа што можеше да го види на теренот, селекторот Хорхе Сампаоли по крајот на мечот откри дека најголемата ѕвезда многу се грижи за репрезентацијата и кога не може да и помогне.
Меси вчера беше поштеден и не играше против Шпанија поради ситна повреда, па наместо да ужива играјќи на теренот, беше приморан да го гледа во живо дебаклот на неговиоте соиграчи кои примија дури шест гола од моќната „фурија“. Всушност, најголемата разлика беше направена во второто полувреме во кое „гаучосите“ примија четири од шесте гола, а Сампаоли по средбата открива дека капитенот бил близок со своите соиграчи во секој момент, па дури и одржал и краток говор во соблекувалната на полувремето.
– Меси не можеше да ни помогне овојпат, но беше сплотен со групата цело време. Беше со нас во соблекувалната и беше исклучително вметнат во мечот. Нормално, нас најмногу ни недостасуваше Меси и го почувствувавме неговото отсуство, но неговата блискост, тоа што се симна во соблекувалната на полувремето најдобро кажува колку му значи аргентинскиот дрес. Постојано не поддржуваше, но нема да ви кажам што кажа во соблекувалната. Се обидуваше да ги охрабри соиграчите, особено оние кои немаат толку големо искуство, – открива Сампаоли.
Извор: Дерби.мк