Во емисијата на Васко Ефтов, Зорица Чавкова, ќерка на Митко Чавков, раскажува за моментите кога била со својот татко кога полицијата го апсела по втор пат.
– Околу еден и триесет после полноќ повторно заѕвони полицијата пред врата. Јас се разбудив прва и претпоставував дека се дојдени за да проверат дали татко ми е физички присутен. Симнувајќи по скалите, ѕирнав низ прозорот да видам што точно се случува, бидејќи не бев сигурна. Но, видов полна улица со полициски коли, специјални единици, вели Чавкова.
Таа објаснува дека го разбудила татко и, но не и останатите, бидејќи знаела дека нешто лошо се случува.
-Татко ми кога стана се упати кон вратата и им рече: Добро вечер колеги, тука сум. Еден од полицајците му рече да се потпише на новото решение. Ни на крај памет ни мене ни на татко ми не ни дојде дека повторно нешто лошо ќе се случи и почна да го потпишува решението. Додека сето ова се случува, еден од колегите, тивко како да му беше непријатно да го каже тоа само рече: Полека спремајте се, треба да дојдете со нас, продолжи да објаснува Зорица Чавкова.
Преку 30 години има стаж во полицијата. Му ја повредија честа и интегритетот. За него тоа секогаш беше најважно, самата правна квалификација на делото тероризам за него е нешто неприфатливо, изјави Чавкова.
Чавкова додаде дека оваа што го прават врз нејзиниот татко е само тенденција да го направат главен виновник и терорист, но на крај цела оваа приказна што ја креираат ќе заврши и ќе се дознае дека тој не е виновен за настаните од 27 ми април.