Еден од кандидатите на последниот конгрес за лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ Филип Петровски, некогашен бунтовник и водач на студентските протести против наставата на албански јазик на Педагошкиот факултет во Скопје, а потоа и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник во Собранието на РМ, човек кој имаше конзулска позиција во САД, но и повеќе јавни функции, меѓу кои и директор на Државниот Архив, се приклучи на демократската Фракција во ВМРО-ДПМНЕ.
Како еден од поистакнатите членови во Фракцијата се и Александар Цезар Коневски од иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, Јове Кекеновски од ФРОДЕМ и дел од пратениците од првиот пратенички состав на партијата од нејзиното формирање.
Меѓутоа, она што е особено интересно во целата ситуација е што луѓето кои бараат реформи преку фракционерство во партијата, се, истите оние кои во минатото формираа “ФРОДЕМ“ чии приврзаници постојано реагираа за погрешните политики на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, но и луѓе, како Филип Петровски, кој пак замина од партијата, формираше свој политички субјект – Демократска десница, а претходно беше дел и од ОМ на Љубе Бошковски, кој го напушти во 2010 год. поради меѓусебни несогласувања.
Кој е Филип Петровски?
Смени неколку партии и високи партиски функции
Во 2009 г. Петровски станува дел од партијата на Љубе Бошковски – Обединети за Македонија, каде што имаше висока функција односно потпретседател на партија. Сепак, љубовта меѓу двајцата некогашни соработници во ВМРО-ДПМНЕ не траеше долго, по што во 2010 г. поради меѓусебни несогласувања Ф. Петровски ја напушти ОМ.
Што зборуваше за ВМРО-ДПМНЕ и највисокото раководство на партијата во минатото?
ВМРО-ДПМНЕ од 90-тите што јас го знам и ова од денеска има само една заедничка работа – името на партијата, вели Филип Петровски во гостувањето на А2, на 10.03.2011 година а потоа додава: Не планирам да бидам никаков политички полтрон на Никола Груевски.
Во друго негово интервју, Филип Петровски во емисијата “Во Центар“ кај Васко Ефтов, зборувајќи за владеењето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ вели:
Ќе има сериозни истраги за тоа како се потрошени народните пари за тоа што имаме индиции дека ваков криминал досега немало во Република Македонија. На прашањето на В. Ефтов: Чувствувате ли дека прв пат во својата кариера како лидер во ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски како да се плаши? – Петровски одговара:
Евидентно е. Доколку не се плашат ќе го остават народот да одлучи слободно, нема да го попишуваат, нема да ја кандидираат по трет пат Рада Шекерова, оние близнаци што ги вадат од СДСМ што е проект на Влатко Ѓорчев. Тоа го знам лично и го потврдувам, сакам да го слушне и македонската јавност.
https://www.youtube.com/watch?v=Dvy2tHYLNHI
Ф. Петровски имаше интересни одговори и во друга емисија кај В. Ефтов каде што зборуваше за неговите сопартијци Влатко Ѓорчев и Антонијо Милошоски каде што вели дека Милошоски целата своја безличност и неквалитет ја покривал со бугарофилство.
И покрај сите жестоки критики, во кои упатуваше јасна порака дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски нема никаква врска со авентичното историско ВМРО, но и со она од 90-тите, Филип Петровски по неуспехот на изборите со неговата партија Демократска десница донесе одлука партијата да ја згасне и да се врати односно припои кон тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ. По враќањето во партијата, следуваше и назначување на Петровски како заменик директор на Државна лотарија на Македонија и заменик-претседател на управниот одбор, функција која ја доби само два месеци по враќањето во ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2015 година тој беше назначен за директор на Државен архив. За разлика од периодот кога беше надвор од ВМРО-ДПМНЕ и кога жестоко ја критикуваше политиката на екс лидерот, по враќањето “дома“ Петровски како да заборави на зборовите кои ги имаше искажано и истиот ретко кога можеше да биде забележан во јавноста.
Па така, се поставува прашањето: Зошто Петровски молчеше во периодот кога ги извршуваше овие функции односно што тогаш беше различно од она за кое говореше пред/потоа?
За разлика од Петровски, Кекеновски преку ФРОДЕМ кој беше формиран во 2015 година, активно преку разни активности, соопштенија, реакции и укажувања се бореше против поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а истиот ниту еднаш не беше назначен на никаква функција за време на владеењето на Никола Груевски. Притоа, Кекеновски продолжува со неговата активност, за како што вели конечна демократизација на партијата, нешто кое според него уште недостасува и покрај напуштањето на Груевски на претседателската функција.
Како дел од тимот кој ќе биде дел од оваа фракција е Александар Коневски Цезар, кој беше дел од иницијативата за реформи предводена од Петар Богојески и Александар Михајловски. Едни со променливи, други со исти ставови, а сега и едните и други под исто мото: Демократизација и реформи во ВМРО-ДПМНЕ! Колку ќе успеат во нивните намери делувајќи како фракционерство во партијата, останува да видиме.