Откако граѓани на Општина Ѓорче Петров се пожалија дека досега испраќале многу поплаки до градот Скопје за поставување на семафори и решавање на сообраќајниот хаос на улицата „Борис Сарафов“, каде пред два дена беше прегазено десетгодишно дете, Курир постави прашања до градската администрација околу овој проблем.
Од Град Скопје одговорија дека градоначалникот Шилегов е во постојана комуникација со претставници на граѓаните и општината, дека во тек се подготовките за поставување за поставување на семафори на улицата каде што се случи сообраќајката.
Интегрален текст од одговорот на Град Скопје:
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов е во постојана комуникација со преставници на граѓаните и Општината, по прашањето на безбедноста на улицата Борис Сарафов и последната средба ја оствариле во четвртокот, 12.04.2018 година, во просториите на Општината. На средбата учествувале преставници на градската администрација, по налог на градоначалникот Шилегов.
Од конкретните активности во тек се подготовките за поставување на семафори на улицата кај основното училиште Мирче Ацев.
Град Скопје од почетокот на оваа година два пати поднесуваше барање за измена на основниот сообраќаен режим на улицата Борис Сарафов, со воведување на светлосна сигнализација.На почетокот од оваа година , ЈП Улици и патишта беше задолжено да изготви основен сообреаќаен проект за воведување на светлосна сигнализација на улицата Борис Сарафов. Основниот проект беше изготвен и упатен до МВР за добивање на согласност во текот на месец февруари, оваа година. Министерството за внатрешни работи на ова барање не издаде согласност.
Град Скопје по добиениот одговор, повторно го задолжи јавното претпријатие Улици и патишта да изработи нов основен проект и истиот го достави до МВР за добивање на согласност на 03.04.2018 година.
Град Скопје за ова барање доби согласност минатиот петок, 13.04.2018 година, и врз основа на добиената согласност веднаш му беше издаден налог на јавното претпријатие да почне со активностите за изведба на семафорската сигнализација на посочената локација на улицата Борис Сарафов.
Град Скопје
Инаку, граѓаните во текот на протестите минатите два дена во Ѓорче Петров, обвинија дека од градот Скопје никој не реагирал, ниту дошол да види каква е ситуацијата на улицата „Борис Сарафов“.
-Не еднаш туку сто пати сме испраќале поплаки до градот, но досега нема никаква реакција, вели еден од жителите на Ѓорче Петров, кој додава дека додека тие молчат нашите деца гинат по улиците.