Повеќе од две години Македонија е арена на скандали под формата на таканаречените бомби. Но се повеќе имам чувство дека тие вознемирувачки за општеството материјали повеќе имаат улога на димни завеси отколку на моќ за разбивање на веќе за жал повеќе од четврт век воспоставените пракси во нашата држава.
Не знам зошто лидерите на најголемите партии во земјава, кои ту едната, па ту другата се на власт ја имаат сфатено буквално старата римска поговорка дај му на народот „Леб и циркуси“ (на латински: panem et circenses) е израз за евтини и популистички методи за успокојување. Во политички контекст, фразата се однесува на методи за добивање на општествена поддршка основани не на добро управување и добри политички идеи, туку на одвлекување на вниманието или задоволување на краткорочни, неважни моменти за населението.
Фразата потекнува од политичкиот живот во древен Рим.
Фразата „Леб и циркузи“ е употребена за прв пат од римскиот поет Јувенал.
Ние граѓаните на оваа земја не плаќаме даноци за вие секој ден да не „бомбандирате“, плаќаме да имаме ефикасна полиција, обвинителство и правосудство.
Зошто си мислите дека со евтини скандали можете да го дефокусирате граѓанинот од клучните проблеми кои го гушат секој ден.
Сето ова ми личи на еден договорен натпревар, со купен судија и делегат, но некако заборавате дека секој ден стадионот ни е се попразен. Публиката избира да гледа премиерлига, бундеслига или некоја од фудбалските атракции од другите западни земји и си ги пакува куферите а картата им е веќе во џеб.
До каде сме со реформата во правосудството, здравството, образованието?!
Зошто економијата некако како да ни оди наназад?
Многу советници ама некако малку идеи. Имаше една народна која гласеше некако вака „многу бабици килаво бебе“.
Како може да нема ниту еден осуден во земјата за корупција, да нема никој одговорен за приватизација за дел од безумните проекти од Скопје 2014?
Зошто јавниот обвинител не го гледаме на пресконференција после новите „димни завеси“ и да ни објасни какви чекори презема обвинителството за овие информации излезени во јавност?
Ако се точни, некој треба да носи одговорност, ако пак не, тој што ги пласира исто така треба да има одговорност. Обвинителот заборава ли дека платата ја добива благодарение на даноците- „билетите на публиката“, или конформизмот е водечка сила во можностите за кариера во Македонија?
До кога ќе важи онаа старата „наведната глава сабја не ја сече” па сите ќе си ќутиме и ќе се правиме како ништо да не се случува.
Уште милон препораки на ЕК, пофалби и мотивирачки изјави на високи претставници на ЕУ нема да ни помогнат да се модернизираме и европеизираме ако ние сами не го направиме тоа. Со овие пракси кои „пиштат“ од балканштина можеме само да бидеме неми гледачи на процесот на иселување.
Но во едно сум сигурен и убеден комуницирајќи секој ден со граѓаните, барем оние кои сѐ уште сакаат да се борат за опстанок овде дека тие цврсто се решени да ги казнат „тимовите од прва лига“, некои дури и да отпаднат а на нивно место да дадат шанса на некои нови тимови, а на „судијата“ да му ја одземат лиценцата за судење.
Бидејќи ако не дојдат нови тимови и играчи на теренот и не се појави нов судија кој ќе суди праведно, нема да има кој да го гледа натпреварот.
Петар Колев, претседател на Граѓанско демократска унија-ГДУ