Ова за нас претставува фундаментален чекор – слободата, правата и одговорноста се неделиви. Само во такви услови, политичкиот избор кој се нуди може да реализира сериозни реформи, да создава добри и квалитетни закони заради унапредување на политичките, стопанските, културните и другите активности на граѓаните како поединци и како заедница.
Од Преамбулата на Граѓанско демократската Унија
На Република Македонија и е потребна функционален и квалитетен парламент. Без промена на изборниот модел тоа е невозможно.
ГДУ го промовира Пропорционалниот изборен модел со отворени листи, при што, територијата на Република Македонија ќе претставува една изборна единица. Покрај политичката понуда на гласачкото ливче, последното место мора да биде резервирано за –Ниту еден од горенаведените!
Минималниот праг за влез во Собранието треба да биде 3%.
Веруваме дека на овој начин ќе се стави крај на тврдата партизираност, со тоа што секој, па дури и последниот од листата ќе може да биде избран за пратеник.. На тој начин, поважна ќе биде поддршката од граѓаните, а не од партијата. Само вака кандидатите ќе бидат поактивни во своето промовирање, наместо да бидат статисти на митинзите на партиите.
Исто така убедени сме дека со воведувањето на овој модел граѓаните ќе бидат помотивирани да излезат на гласање, а примената на овој модел ќе придонесе за поголема демократизација и внатре во самите политички партии. . Граѓаните како носители на суверенитетот, мора да си го вратат правото на одлучување како на локално, така и на национално ниво.
…Веруваме дека отворените кандидатски листи ке го изразат демократскиот диверзитет кој е темелот на индивидуалното политичко изразување во една земја која се претставува себе си за претставничка демократија.
Само во такви услови веруваме дека е можно да создадеме правна држава во која владеењето на правото ќе биде функционален принцип, а не флоскула. –од основните принципи на Граѓанско демократската унија Очекуваме, пред се од парламентарните партии да покажат дека се за реформи и промени, а најдобар начин тоа да го покажат на дело е нивната подготвеност самите да се променат. ГДУ очекува да се разговара разумно, а ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ треба да бидат најгласните поборници на оваа идеја.
Автор: Димо Петкоски, секретар на Граѓанско демократска унија- ГДУ